Вебкафе

Дел од Канаѓанките тврдат: „Канабисот нè прави подобри мајки и личности“

Карин Сир, Канаѓанка мајка на две деца, која е на чело на група канадски жени со исти ставови како нејзиниот, тврди дека пушењето канабис ја прави подобра мајка. Оваа група канадски мајки им пркосат, ги предизвикуваат нормите и ги отфрлаат стигмите околу родителството и канабисот. Отава минатата година во октомври ја легализираше рекреативната употреба на канабисот.

Уморни се, вели таа, да ја кријат употребата на канабисот од семејството, соседите и другите, и имаат намера да ги едуцираат своите врсници за неговите придобивки, пренесува Мкд.мк.

„Луѓето не се информирани. Тие сè уште мислат дека кога користиме канабис, седиме пред телевизорот и јадеме пица како тинејџери“, вели Сир.

„Кога консумирам канабис, ги вршам домашните работи, си играм со децата. Потрпелива сум со децата, поприсутна. Ми помага да бидам подобра мајка, подобра личност“, пренесе АФП.

Докторите не се согласуваат. Но, нејзината порака одекна кај стотици членови на нејзината Фејсбук група Цвеќиња мили мои (Des fleurs ma chere), која таа ја креираше за да ги сподели искуствата и мислите за канабисот.

Групата вклучува „претприемачи, психолози, модели, фотографи… тие се жени од сите сфери на животот“, рече инструкторката по „ганџа јога“ Синтија Петрин, и самата членка.

Друга слична Фејсбук група е „Мајка Марија“ (Mother Mary) со седиште во Монтреал со околу 5.000 членови. Нејзиниот основач Јордана Забицки (30) рече дека ја креирала групата со цел да се бори против „засрамувањето на мајките“.

„Се очекува од мене да работам полно работно време. Се очекува од мене да бидам со моите деца цело време. Се очекува да имам чиста куќа. Се очекува да ги платам сметките на време. Се очекува да ги заменам зимските гуми на време“, вели таа.

„Имам толку многу на плеќи – јас сум само една личност. Канабисот ми овозможува да ги завршам моите секојдневни задачи многу подобро!“

Министерството за здравство на Канада ги предупреди родителите да не консумираат канабис поради ризиците од секундарно пушење, предупредуваат дека „може да се намали способноста на лицето да внимава (на своето дете), да донесува одлуки или да реагира во итни случаи“.

Но, Сир тврди дека канабисот е далеку подобра алтернатива од пропишаните опиоиди или антидепресиви за лекување на анксиозност или депресија кај новите мајки.

„Мајките се чувствуваат осамени и не знаат кому да му се обратат. Тие се чувствуваат засрамено и се плашат“, истакна Ени-Клод Бертранд.

Сир за да се релаксира по својата втора бременост започнала да го користи канабидиол маслото (КБД), направено од не-психоактивното соединение на канабисот.

Одбила да зема опиоиди пропишани од нејзиниот доктор, кои ја правеле да се чувствува како „зомби“.

„Не спиев, имав големи нарушувања во спиењето, но кога првпат зедов од КБД маслото спиев преку ноќ како порано“, рече таа.

Според владината статистичка агенција, 12 проценти од Канаѓанките користеле канабис, во споредба со 19 проценти од вкупното канадско население.

Неколку студии покажуваат дека популарноста на канабисот кај жените во Канада и во САД – каде што е легализиран во неколку држави – брзо расте.

To Top