Четирите најмоќни заливски држави целосно го изолираат Катар, еве што значи тоа за Катарците


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Авионскиот, патниот и поморскиот сообраќај ќе биде комплетно укинати меѓу четирите најмоќни членки на Советот за соработка на заливските арапски држави со Катар, а во тек е повлекување на дипломатите од нејзина територија. На укинувањето на дипломатските врски се приклучија и Либија и Малдиви.

Од Министерството за надворешни работи на Катар соопштија дека не постои правна основа за одлуката што ја донесоа Саудиска Арабија, Египет, Обединетите Емирати и Бахреин. Властите на Саудиска Арабија соопштија дека трупите на Катар ќе бидат повлечени од војната во Јемен, пишува британски Гардијан.

Авиокомпанијата Емиратс Eрлајнс прогласи суспензија на летовите кон Доха до вторник, а потоа стигнаа исти одлуки и од Флајдубаи, Етихад и Ал Арабија. Катар е инаку познат по својата авиокомпанија Катар ервејз, меѓународната медиумска куќа Ал џезира, а ваквите мерки може да влијаат и врз спортскиот свет бидејќи токму таа земја е домаќин на Светското првенство во фудбал во 2022. Последиците би можеле да бидат несогледливи и да го разнишаат светскиот пазар.

На мерките им се приклучи и Јемен, кој Катар го обвини за соработка со екстремните групи во граѓанската војна.

Заменикот на шефот на кабинетот на иранскиот претседател Хасан Рохани изјави дека пресекувањето на односите со Катар не помага на решавањето на кризата на Блискиот Исток.

Целата зона ги пресекува дипломатските односи и ги затвора границите. Тоа не е начин да се реши проблемот. Како што кажав претходно, агресијата и окупацијата нема да резултираат со стабилност, напиша Рохани на својот твитер профил.

Скокна цената на нафтата

Цената на нафтата скокна на светските берзи по воведувањето на мерките против Катар, пренесува Ројтерс. Катар е најголемиот светски дистрибутер на течен гас и одредени видови гасни деривати.

Оваа одлука четирите земји ја донеле бидејќи Катар наводно поддржува тероризам, за што се зборуваше и минатите години. Британски Индипендент минатата година пишуваше дека Катар е една од земји кои директно ја финансирале Исламска држава и им давале логистичка поддршка.

Египет соопшти преку државната новинска агенција дека политиката на Катар „ѝ се заканува на арапската национална безбедност и сее семе на раздорот и поделби во арапските општества, според намерен план чија мета се единството и интересите на арапската нација“.

Што ова значи за Катар?

Со популација од околу 2,7 милиони жители Катар многу ризикува. Мерките преземени околу воздушниот сообраќај би можеле сериозно да му наштетат на домашниот авиосообраќај, но и да ги загрозат останатите летови. Покрај тоа што ќе бидат откажани десетици летови кои секојдневно се вршат кон заливските земји, Катар е познат како многу важен јазол кој ги поврзува Европа со Азија и Океанија. Редовните рути ќе мора да ги променат траекториите или да изберат нов аеродром за полнење гориво, што секако ќе го наруши редот на летање и ќе предизвика големи доцнења.

Катар преку копно е поврзан само со Саудиска Арабија, а преку таа граница се снабдува со храна. Стотици камиони дневно влегуваат во Катар и се верува дека на тој начин се доставуваат 40 отсто од намирниците кои се користат во исхраната. Бидејќи Саудијците најавија дека ќе ја затворат и таа граница, Катар ќе стане целосно зависен од воздушното и поморското снабдување. Тоа веднаш ќе предизвика инфлација и ќе влијае врз граѓаните кои ќе вршат притисок врз владејачкото семејство да ја смени насоката.

Проблеми за САД

Дипломатската криза би можела да предизвика сериозни проблеми и за САД, чија најголема регионална воена база се наоѓа токму во Катар. Воздухопловната база сместена во Ал Удеид има најголем воен персонал на Блискиот исток, а и самата Доха е дом за 11.000 американски војници и друг воен персонал.

За Катар ова е оркестрирана кампања

Протечената имејл преписка меѓу амбасадорите на Обединетите Арапски Емирати и САД ја прикажуваат континуираната кампања која се води против Катар и Кувајт, пишува денес Ал џезира.

Катарската новинска агенција била наводно хакната минатата недела и лажни забелешки на сметка на американската надворешна политика биле поставени на нејзината интернет страница и погрешно припишани на лидерот на Катар.

Сега, низа мејлови од амбасадорот на Обединетите Арапски Емирати, испратени до неговиот американски колега, протекоа во јавноста. Тие откриваат дека амбасадорот и Фондацијата за одбрана на демократијата лобирале против Катар и Кувајт во Вашингтон, пишува Ал џезира.

Извор: МКД.мк