БРИКС стреми кон „дедоларизација“ на светскиот пазар: Членките почнуваат преговори за воведување заединчка валута


Ќе игра ли Елмас против Баерн Минхен!? ↓↓↓


Земјите-членки на БРИКС за првпат ќе разговараат за можноста и изводливоста на воведување заедничка валута, најави министерот за надворешни работи на Јужна Африка, Наледи Пандор.

Таа додаде дека нема да брза со одлуката, но факт е дека тој чекор ќе биде клучен во таканаречената „дедоларизација“ на светот.

Зголемените каматни стапки во САД и геополитичките конфликти ја зголемија вредноста на американската валута и сите стоки поврзани со доларот на штета на повеќето пазари во развој. Тоа ги поттикна повиците за алтернатива на употребата на доларот како глобална трговска валута, при што една опција е блокот БРИКС – составен од Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка – да воведе своја валута.

Како што најавува „Блумберг“, за ова прашање ќе се разговара на самитот на БРИКС на 22 август во Јоханесбург.

„Не сакам да прејудицирам за дискусиите на лидерите на БРИКС“, изјави јужноафриканскиот министер за меѓународни односи и соработка Наледи Пандор.

„Тоа е нешто за што треба да разговараме, и тоа на вистински начин“, додаде таа.

БРИКС претставува повеќе од 40 отсто од светското население и речиси една третина од глобалното економско производство, што го прави еден од најважните светски економски блокови. Неколку други земји, вклучително и Саудиска Арабија и Иран, изразија интерес да се приклучат на групата.

Земјите од БРИКС и другите земји „прашуваат зошто не можеме да тргуваме во нашите сопствени валути? Зошто сме посветени на тргување преку доларот? Јужна Африка има валута што се користи за меѓународна трговија. Сепак, имаме многу долгови во долари, затоа мораме одговорно да пристапиме кон оваа дискусија“, вели Пандор.

Поранешниот специјален советник во Советот на економски советници на Белата куќа за време на администрацијата на Доналд Трамп, Џозеф Саливан, смета дека воведувањето алтернатива на доларот е изводливо и можно.

Во текст за „Форин полиси“, Саливан наведува дека „можеби конечно пристигна моментот на дедоларизација“ и ги објаснува причините зошто.

Овој висок советник на „Линдзи груп“, економска советодавна фирма со седиште во Вашингтон, која ги следи макроекономските движења, наведува дека најавите од БРИКС дека размислуваат за нова валута што ќе го замени доларот во трговијата, го комплицираат наративот дека владеењето на доларот е стабилно.

Валутата БРИКС би била различна бидејќи во однос на вкупниот БДП, членките на овој блок колективно ги надминуваат не само САД, туку и целата Г7. И незадоволството во БРИКС врие. Иако со децении се зборуваше за ослободување од американскиот долар, шансите тоа да се случи се мали бидејќи доларот сега се користи во 84,3 отсто од прекуграничната трговија – во споредба со само 4,5 отсто на кинескиот јуан.

Сепак, изгледите за успех на валутата БРИКС сега се зголемуваат и оваа валута навистина може да го замени американскиот долар како резервна валута на членките на БРИКС. За разлика од конкурентите предложени во минатото, како што е дигиталниот јуан, оваа хипотетичка валута всушност има потенцијал да го преземе или барем да го разниша местото на доларот на тронот, според Саливан.

Кога БРИКС би ја користеле само сопствената валута (која Саливан хипотетички ја нарекува „брик“ – тула) за меѓународна трговија, тие би ја отстраниле пречката што сега ги попречува нивните напори да избегаат од хегемонијата на доларот. Тие напори сега често имаат форма на билатерални трговски договори во валути што не се долари, како што е јуанот, сега главната трговска валута меѓу Кина и Русија. Пречка? Русија не сака да го набави остатокот од својот увоз од Кина. Така, по билатералните трансакции меѓу двете земји, Русија има тенденција да ги задржува приходите во средства во долари за да го купи остатокот од својот увоз од остатокот од светот, кој сè уште го користи доларот за трговија.

Меѓутоа, ако Кина и Русија користат само брик за трговија, Русија нема да има потреба да деноминира билатерални трговски фондови. На крајот на краиштата, Русија би користела “брик”, а не долари за да го купи остатокот од својот увоз. И така почнува дедоларизацијата, вели тој.

Дали е реално да се замисли БРИКС да користи само брик за трговија, прашува Саливан и веднаш одговара: Да.

За почеток, тие самите би можеле да го финансираат целиот свој увоз. Во 2022 година, БРИКС како целина оствари трговски суфицит, познат и како суфицит на платниот биланс, од 387 милијарди долари – најмногу благодарение на Кина.

БРИКС, исто така, би бил подготвен да постигне ниво на самодоволност во меѓународната трговија што не е можно за другите светски валутни групации. Бидејќи валутната унија БРИКС – за разлика од која било досега – нема да биде меѓу земјите обединети со заеднички територијални граници, нејзините членки веројатно ќе можат да произведуваат поширок опсег на стоки од која било постоечка монетарна унија, што е услов за самодоволност каква што немаат земјите од еврозоната – дом на трговски дефицит од 476 милијарди долари во 2022 година, истакнува Саливан.

Но, земјите од БРИКС не би морале ниту да тргуваат само меѓу себе. Бидејќи секоја членка на групата БРИКС е економска „тешка тежина“ во својот регион, нејзината „гравитациска сила“ би ги привлекла и соседите, а тие земји ширум светот веројатно би биле подготвени да работат со БРИКС.

Финансиските средства деноминирани во “брик”, понатаму наведува Саливан, би имале карактеристики што веројатно ќе ги направат невообичаено привлечни за странските инвеститори. Меѓу главните недостатоци на златото за глобалните инвеститори е тоа што, и покрај неговата вредност што го намалува ризикот како диверзификатор, тоа не плаќа камата. Бидејќи БРИКС наводно планира да ја поддржи својата нова валута со злато и други благородни метали, како што се ретките метали, средствата деноминирани во брик би биле слични на каматното злато. Тоа, истакнува Саливан, е необична карактеристика што може да ги направи средствата деноминирани во брик привлечни за инвеститорите.

Саливан исто така истакнува дека брикот би предизвикал голем број практични проблеми. Искористен првенствено за меѓународна трговија, би ја комплицирал работата на националните централни банкари во земјите на БРИКС. Создавањето на наднационална централна банка како Европската централна банка, која би управувала со брик, исто така би била тешка работа, но овие предизвици не се несовладливи.

Саливан верува дека валутата БРИКС би претставувала соработка во добро дефинирана област каде интересите се усогласени. Земјите како Индија и Кина може да имаат конфликтни безбедносни интереси. Но, Индија и Кина имаат заеднички интерес за дедоларизација. И тие можат да соработуваат за заеднички интереси додека се натпреваруваат со други, рече тој.

Според експертот, брик не би ја симнала толку круната од главата на доларот колку што ќе ја намали големината на нејзината територија. Дури и ако БРИКС беше дедоларизиран, голем дел од светот сепак би користел долари, а глобалниот монетарен поредок би станал повеќе мултиполарен отколку униполарен, заклучува Саливан.

Извор: Денар.мк