Актуелно

Бизнис секторот се буни против мерката „недела – неработен ден“, најавуваат дека ќе имало отпуштања на работници

Додека работничките синдикати го поздравија предлогот, бизнис заедницата е против владината идеја законско прогласување на недела за неработен ден. Велат дека ваквото законско решение ќе предизвика отпуштање на работници до 30%, неизвесна реализација на капиталните проекти, застој во производството, повисоки трошоци, намалена продуктивност.

Законското решение, како што е сега конципирано и кое веќе помина на Влада, ќе предизвика сериозни негативни последици, социјални и економски. Проектите во градежништвото се врзани со рокови, а иницираната мерка ќе се одрази негативно не само врз нивната реализација, туку и врз исполнувањето на тие рокови, вклучувајќи ги тука и капиталните проекти од интерес за државата. Работата во градежништвото е теренска и на отворено, а кај инфраструктурните проекти подразбира и транспорт и патување на работниците, па доколку недела биде неработен ден, тоа сериозно би се одразило врз континуитетот на изведбата. Постои ризик и наместо посакуваната цел, да се предизвикаат спротивни ефекти кои нема да бидат од интерес ниту на компаниите како работодавачи, ниту на работниците, рече претседателот на Здружението на градежништвото, Андреа Серафимовски.

Доколку во недела запре производството во прехранбената индустрија, најмногу штета ќе почувствува производството на млеко и кондиторски производи, алармираат бизнисмените.

Доколку овие активности не се преземат во недела, тогаш измолзеното млеко од сабота нема да се откупува, а измолзеното млеко од недела ќе се превезе во понеделник и ќе се преработува во вторник. На ваков начин се губи еден ден производство, односно при ваков случај се намалува производниот капацитет на фабриката со огромни економски штети, а потребата од работна сила ќе биде намалена за една седмина. Сето ова се надоврзува на веќе изгубениот еден ден за продажба, поради неработењето на малопродажните објекти во недела. Доколку ваквото законско решение се прифати, компаниите предупредуваат дека една цела смена ќе биде вишок, што значи дека ќе доведе отпуштање на 25% од вработените во компаниите, објасни Васко Ристовски од Комората.

Од спортските обложувалници велат дека нивната пресметка покажува пад на прометот за 70%, бидејќи токму во неделите се случуваат најголем број на спортски натпревари.

Ако се донесе законското решение, нивното работење ќе се загрози со оглед дека преку 70% од прометот се реализира во недела. Работата на спортските обложувалници директно зависи од понудата на спортски натпревари. Најголем дел од натпреварите се играат за време на викендите, односно во недела. Треба да се спомне и дека играчите ги посетуваат спортските обложувалници во слободно време, најмногу во текот на викендите и недела, а не додека се на работа, рече Васко Илиевски од Групацијата.

Инаку, од 1 октомври недела ќе биде неработен ден, освен за вработените во дејностите кои не трпат застој во производствениот процес, како и продавниците во туристичките места за продажба на сладолед, колачи, цвеќиња, штандови на бензниски, киосци на спортски настани, фестивали, зелените пазари. За оние кои ќе го прекршат законот, предвидени се парични казни и затворање на објектите.

To Top