Бајден му порача на Путин дека ќе ја плати цената за инвазијата во Украина и дека не знаеш што го чека


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Американскиот претседател Џо Бајден отворено вербално го нападна рускиот претседател Владимир Путин, ги забрани руските летови на американскиот воздушен простор и ги предводеше демократските и републиканските пратеници во редок приказ на единство во говорот за состојбата на државата, во кој доминираше руската инвазија на Украина.

„Секој од нас, ако може да стои, нека застане и испрати кристално јасен сигнал до Украина и до светот“, ги повика Бајден демократите и републиканците.

Пратениците, кои се длабоко поделени околу даноците, правата на глас и безбедноста на оружјето, застанаа заедно да ѝ аплаудираат на Украина, многумина вееја украински знамиња и навиваа во Претставничкиот дом. Неколку жени членки на Конгресот ги носеа боите на знамето, жолта и сина.

Отстапувајќи од своите подготвени забелешки, Бајден за Путин рече: „Тој нема поим што го чека“.

„Вечерва се среќаваме како демократи, републиканци и оние што се независни. Но најважно – како Американци. Со посветеност еден кон друг, кон Америка, кон американските граѓани и Уставот. И непоколеблива определба дека слободата секогаш ќе надвладее над тиранијата“, рече Бајден во почетокот на своето обраќање.

Потоа тој зборуваше за руската инвазија на Украина.

„Пред шест дена, рускиот претседател Владимир Путин се обиде да ги разниша темелите на слободниот свет. Мислејќи дека може да го присили да му се потчини. Но тој жестоко се прецени. Мислеше дека може да ја нападне Украина и дека светот ќе се преврти наопаку. Наместо тоа, го дочека ѕид што не го очекуваше ниту го замислуваше. Се сретна со украинскиот народ“, изјави Бајден, по што ја поздрави украинската амбасадорка во САД, која говорот го следеше во друштво на првата дама на САД Џил Бајден.

Американскиот претседател најави дека САД имаат намера да ги прогонуваат руските олигарси што го поддржуваат Владимир Путин.

„На руските олигарси и корумпираните лидери, кои изградија милијарди долари благодарение на насилниот режим, им велам – нема повеќе! Секретаријатот за правда ќе формира работна група за гонење на злосторствата на руските олигарси. Се здружуваме со европските сојузници да ги најдеме и заплениме нивните јахти, луксузни станови, приватни авиони“, рече Бајден.

Тој најави и забрана за сообраќај на руски авиони во американскиот воздушен простор.

„Објавувам дека ќе им се придружиме на нашите сојузници во затворањето на воздушниот простор на САД за сите руски летови, дополнително изолирајќи ја Русија и вршејќи дополнителен притисок врз нивната економија“, рече тој.

Покрај тоа, зборувајќи за руската инвазија на Украина – Бајден ја пофали, како што рече, способноста на САД да се обединат со другите слободољубиви народи низ светот.

„Останавме обединети. Вистината им се спротивстави на руските лаги, а сега кога Путин покрена акција – светот ја бара неговата одговорност. Путин е поизолиран од светот од кога било досега“, рече американскиот претседател.

За време на своето обраќање Бајден се обиде да ги смири загрижените граѓани поради војната што Русија ја започна во Украина.

„Знам дека веста за тоа што се случува изгледа загрижувачка за сите граѓани. Сакам да знаете дека сѐ ќе биде во ред. Ќе бидеме добро. Кога ќе се пишува историјата на овој период – војната на Путин против Украина ќе ја направи Русија послаба – а остатокот од светот посилен“, рече тој.

„Путин можеби го обиколува Киев со тенкови, но никогаш нема да ги придобие срцата и душите на украинскиот народ“, рече Бајден.

За време на својот говор Бајден повтори дека САД нема да испраќаат војници во Украина по руската инвазија.

„Сакам да бидам јасен – нашите сили не се ангажирани и нема да се вклучат во конфликт со руските сили во Украина. Наместо тоа, американски војници се распоредени во Европа, не за да се борат во Украина, туку за да ги бранат нашите сојузници во НАТО во случај Путин да одлучи да продолжи да се движи кон запад“, рече тој.

Според него, за таа цел се мобилизирани копнени сили, воздушни ескадрили, како и пловила.

„За заштита на земјите од НАТО, вклучувајќи ги Полска, Романија, Летонија, Литванија и Естонија“, рече американскиот претседател, кој во соработка со сојузниците испрати повеќе од 1 милијарда долари воена, економска и хуманитарна помош за Украина.

Преминувајќи на економските прашања, Бајден го пофали усвојувањето на Законот за инфраструктура, заблагодарувајќи им се на демократите и републиканците за нивната поддршка.

„Америка некогаш ги имаше најдобрите патишта, мостови и аеродроми во светот. Нашата инфраструктура сега е на 13-то место во светот. Нема да бидеме конкурентни за работните места во 21 век ако не го подобриме тоа. Затоа беше усвојувањето на Законот за инфраструктурата толку важно“, рече американскиот претседател.

Тој изрази посебна благодарност до, како што рече, републиканските пријатели.

„Кои се приклучија во вложувањето за обнова на Америка. Ова е најголемата поединечна инвестиција во историјата. Тоа е резултат на напорите на две партии. Сакам да им се заблагодарам на нивните членови што го овозможија тоа“, продолжи Бајден.

Тој посочи дека сака да се бори против инфлацијата со намалување на производствените трошоци, а не со намалување на платите.

„Еден начин за борба против инфлацијата е да се намалат платите – што ќе ги направи граѓаните посиромашни. Мислам дека имам подобра идеја. Пониски трошоци, а не вашите плати. Тоа значи да се направат повеќе автомобили и полупроводници во Америка. Повеќе инфраструктурни проекти и иновации. Повеќе стоки да се движат побрзо и поевтино. Создавање повеќе работни места каде што можете да заработите добри пари. Наместо да се потпирате на странските синџири на снабдување – ајде да го направиме тоа во Америка“, рече американскиот претседател во говорот за економијата.

Тој исто така прецизираше дека политиката што ја води не подразбира зголемување на даноците за граѓаните што заработуваат помалку од 400.000 долари годишно.

„Можеби грешам, но претпоставувам дека сите би се согласиле дека сегашниот даночен систем не е фер кога би гласале тајно. Треба да се подобри даночниот систем. Не сакам никого да казнам. Но ајде да ги натераме корпорациите и богатите Американци да почнат да го плаќаат својот дел“, додаде тој.

Осврнувајќи се на пандемијата на ковид-19, Бајден рече дека администрацијата што ја предводи овозможила, како што истакна, стотици милиони бесплатни тестови за коронавирусот.

„Доколку веќе сте нарачале бесплатни тестови, најавувам дека од следната недела можете да нарачате друга група“, најави Бајден.

За време на своето обраќање тој посочи дека заедниците што живеат во САД не треба да избираат меѓу безбедноста и еднаквоста пред правдата – кога станува збор за полицијата.

„Да се обединиме и да ги заштитиме нашите заедници, да ја вратиме довербата и да бараме одговорност од полицијата. Градовите и државите можат да искористат дел од фондот од 350 милијарди американски долари за да ангажираат повеќе полицајци и да инвестираат во веќе докажани стратегии, како што се борбата против насилството и траумата, давајќи им можност за младите да се надеваат. Треба да се согласиме дека не треба да го намалуваме финансирањето на полицијата, туку да го финансираме побогато“, рече претседателот Бајден.

Инаку, неодамнешните истражувања покажаа дека рејтингот на американскиот претседател е намален – во споредба со поддршката што ја уживаше во јавноста во почетокот на неговиот мандат.