Апелација ја укина пресудата за „Организатори на крвавиот 227. април“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Скопска Апелација ја укина првостепената пресуда, уважувајќи им ги жалбите на обвинетите во предметот „Собрание“ и го врати предметот на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

Апелациониот суд Скопје денеска ги уважи жалбите на обвинетите Трајко Вељаноски, Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Владимир Атанасовски и ја укина првостепената пресуда, а предметот „Организатори на 27 април“ го врати на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје. Од Скопска апелација велат дека Основниот кривичен суд требало во поголема мера да го разгледа прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.

„Апелациониот суд Скопје во интерес на јавноста и медиумите информира дека постапувајќи по кривичниот предмет КОКЖ-121/21, во јавноста познат како „Собрание“, донесе решение со кое ги уважи жалбите на обвинетите Т.В., С.Р., М.Ј., сите од С. и В.А од Д., со привремено престојувалиште во Скопје, ја укина првостепената пресуда КОК.бр.2/20 од 26.07.2021 година и предметот го врати на повторно судење пред Основниот кривичен сид Скопје, Специјализирано судско одделение надлежно за судење на дела од областа на организираниот криминал и корупција. Жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Скопје во оваа фаза на постапката одлучи дека е беспредметна. Мерките за претпазливост спрема обвинетите Т.В од С. и В.А од Д. со привремено престојувалиште во Скопје, остануваат во сила“, се вели во одлуката.

Притоа се додава дека поради големиот интерес и транспарентност во работењето, судискиот совет на Апелациониот суд Скопје информира дека при разгледување на првостепената пресуда, оцени дека при постапувањето по овој кривичен предмет сторени се суштествени повреди на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 1 точка 11 и став 3 од Законот за кривичната постапка, кои придонеле првостепениот суд да не биде во можност правилно да го примени материјалното право – Кривичниот законик.

„Ова, од причина што првостепениот суд врз основа на расположивиот доказен материјал во недоволна мера ги расправил сите спорни околности и не ги утврдил со сигурност сите решителни факти што го чинат обележјето на кривичното дело и го определуваат неговото дејствие на извршување, при утврдување на фактичката состојба не утврдил со сигурност во што се состојат дејствијата на секој од обвинетите преземени во насока на остварување на битието на кривичното дело за кое се обвинети, ако се има предвид дејствието на извршување на предметното кривично дело, за кое правната теорија и судската пракса се едногласни дека покрај умислата во субјективното битие како субјективен елемент на противправноста влегува и намерата за загрозување на уставниот поредок или безбедноста на РМ.

Првостепениот суд сторил и суштествена повреда на одредбите на кривичната постапка од член 415 став 3 од Законот за кривична постапка, односно го повредил правото на одбрана на обвинетите која влијаела врз законитото и правилното донесување на пресудата и врз правото на обвинетите на правично судење, бидејќи не го расправил во доволна мера прашањето за одредбите кои се однесуваат за амнестија на кривичното гонење.

Вака донесената одлука ќе биде објавена во целост на веб страната на судот во рокот определен со Законот за управување со движењето на предметите во судовите“, велат од скопска Апелација.

Во јули 2021 година Кривичниот суд ги осуди на затворски казни, Вељаноски, Јанакиски, Ристовски и Атанасовски. Вељаноски беше осуден на шест и пол години затвор, екс-министрите добија казна од 6 години и три месеци затвор, додека поранешниот директор на УБК на 6 години затвор за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. За избеганите Никола Груевски во Унгарија и Никола Бошкоски од УБК, кој е побегнат во Солун, постапката е запрена до нивно наоѓање, односно апсење.

За Апелација е спорно е тоа што Кривичниот суд ги занемарил и приговорите што се однесуваат на Законот за амнестија, со којшто се запре кривичната постапка за дел од обвинетите за упадот на „27 април“.

Оваа одлука доаѓа во период кога пред пред две недели пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ до Собранието поднесе предлог закон за амнестија на лицата осудени за настаните од 27 април 2017 година.

Ова исто така се случува непосредно пред Парламентот да ја отпочне постапката за изготвување на уставни измени со кои Бугарите би се вметнале во Преамбулата за да продолжат пристапните преговори за ЕУ. Во јавноста веќе се појавија сомнежи за можно повторување на настаните пред гласањето за Преспанскиот договор. Тогаш се случи првата амнестија на осудени за крвавиот четврток, меѓу кои, петмина пратеници.