Актуелно

Апел од ДИК: Граѓаните да направат увид во избирачкиот список

Државната изборна комисија пред неколку дена на својата веб страница ги повика граѓаните да направат увид на податоците во Избирачкиот список, и доколку сметаат дека е потребно,  да побараат измена, дополнување или бришење на податоците.

Избирачкиот список кој се става на јавен увид е направен со податоци на граѓаните кои заклучно со 1 февруари 2017 година, станале полнолетни.

Повикот на ДИК се објавува во време кога е неизвесен мандатот на градоначалниците и општинските совети, а сѐ уште не се закажани локалните избори, ниту, пак, се знае кога ќе се закажат.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска вели дека повикот до граѓаните за увид во Списокот е редовна постапка и дека за тоа имаат обврска четири пати годишно да прават пресек.

Но, доколку се закажат локални избори, ситуацијата ќе биде сосема поинаква.

Во тој случај, Избирачкиот список се става на јавен увид најдоцна 15 дена од денот на распишување на изборите. По 20 дена списокот се заклучува, ни изјави Гугучевска.

Јавниот увид може да се изврши на официјалната веб страница на Државната изборна комисија и во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија. Барањата за измена, дополнување или бришење на податоците во Избирачкиот список, граѓаните ги поднесуваат во Подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, стои во објавениот повик на страницата на ДИК.

Advertisements
To Top