Анализа на Рамадани: Дел од ДУИ е против коалиција со ВМРО-ДПМНЕ

Откако Државната изборна комисија ги објави резултатите, сега нè очекува друга криза, овојпат за составување влада, бидејќи сите комбинации што се на располагање изгледаат како невозможна мисија, оценува политичкиот аналитичар Исмет Рамадани.

Објавените бројки од изборите, според него, не даваат никаков комодитет ниту за ВМРО-ДПМНЕ, ниту за СДСМ и нивните коалиции и составување влада со ДУИ, бидејќи овојпат ДУИ го нема легитимитетот со оглед дека вкупниот број на гласовите што ги освои албанската опозиција е далеку поголем од оној на ДУИ, па сега не може да се повикува на некој легитимитет како што правеше порано.

„ДУИ веќе е ранлива, се наоѓа во некаков и партиски и политички нокдаун и сега може да се очекуваат и превирања во партијата, бидејќи има информации дека дел од пратениците и членството воопшто нема да се согласат да се повтори коалицијата со Никола Груевски и неговото ВМРО“, вели Рамадани за МКД.мк.

За него невозможна мисија, како што вели, е и формирањето малцинска влада на СДСМ со сите албански партии, вклучувајќи ја и ДУИ, бидејќи опозициските партии на Албанците нема да прифатат коалиција со ДУИ.

Од друга страна, Рамадани оценува дека за еден таков потег резерва би имал и самиот Зоран Заев, бидејќи би му штетел на претстојните локални избори. Така, играта се сведува на некаква привремена влада или широка коалиција. Точно дека сите се изјаснуваа против широка коалиција, додава тој, но не знаеме како ќе биде ако седнат со медијатори, бидејќи мнозинството од 61 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ не е доволно за влада што би требало да ги задоволи барањата што веќе се дадени како пораки од ЕУ и од САД.

Сите анализи на експертите во моментов се сведуваат на учество на ДУИ во владата, ама само како нужност, а не посакуван партнер.

Што се однесува до „младите дечки“, како што ги нарекува албанските опозиционери, битно е дека се чисти, односно немаат некоја хипотека и багаж зад себе, главно се високообразовани и имаат амбиции допрва да се докажуваат и во политиката. Можеби немаат политичко искуство, но поминале низ невладини организации и интелектуално се добро потковани.

„Освен што како млади академски граѓани знаат што бараат понатаму во животот, важно е дека не се инфериорни, во секојдневието се дружат со своите врсници-Македонци и кај нив го нема чувството на инфериорност. Мислам дека тие на наредните избори ќе бидат уште посилни. Не им се брза да бидат дел од власта, засега добро им оди“, вели Рамадани.