Американската Федерална трговска комисија отвори истрага за фирмата која го создаде ChatGPT


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Американската Федерална трговска комисија (ФТЦ) започна опсежна истрага против OpenAI, производителот на ChatGPT, за можни прекршувања на законите за заштита на потрошувачите. Федералната комисија, според Си-ен-ен, истражува дали четботот ѝм наштетил на потрошувачите со собирање на податоци и објавување на лажни информации за поединци.

Во истражното барање од 20 страници поднесено оваа недела, ФТЦ побара од компанијата за истражување и примена на вештачката интелигенција OpenAI да одговори на десетици барања, почнувајќи од тоа како ги добива податоците што ги користи за своите големи јазични модели до „капацитетот на ChatGPT да генерира изјави за вистински поединци кои се лажни, погрешни или омаловажувачки“, според Си-ен-ен.

Документот прв го објави Вашингтон пост, а извор запознаен со ова прашање ја потврдил неговата автентичност за Си-ен-ен.

„OpenAI не одговори веднаш на барањето за коментар, додека ФТЦ одби да коментира“, пренесува Си-ен-ен.

„Државната агенција оваа недела испрати барање од 20 страници до компанија со седиште во Сан Франциско за да обезбеди информации за тоа како компанијата се справува со ризиците поврзани со нејзините модели со вештачка интелигенција“, се вели во документот што го видел Вашингтон пост.

Ова, според весникот, „претставува најмоќната регулаторна закана за операциите на OpenAI во САД досега“, имајќи предвид дека компанијата тргна „во офанзива“ за да ја обликува иднината на политиките за примена на вештачката интелигенција на глобално ниво.

Аналитичарите ја нарекоа ChatGPT „најбрзорастечката апликација за потрошувачи во историјата“, а нејзиниот брз успех предизвика трка меѓу компаниите од Силиконската долина да воведат конкурентни четботови, пишува весникот.

„Извршниот директор на компанијата, Сем Алтман, се појави како влијателна личност во дебатата за регулирање на вештачката интелигенција, сведочејќи на Капитол Хил, вечерајќи со пратениците и состанувајќи се со претседателот Бајден и потпретседателот Харис“, истакна Вашингтон Пост.

Но, сега, се вели дека компанијата се соочува со нов тест во Вашингтон, каде што Федералната трговска комисија издаде повеќе предупредувања дека постоечките закони за заштита на потрошувачите се применуваат на вештачката интелигенција, дури и додека администрацијата и Конгресот се борат да дефинираат нови регулативи, за кои веќе беше најавено дека заостануваат неколку месеци.