Американската амбасада во Македонија не ја коментира аферата „Двојник“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Американската амбасада соработува со МВР и другите институции, но не коментира истраги што се во тек, е ставот на Амбасадата на САД на прашање на „360 степени“ за нејзината позиција во случајот „Двојник“, за незаконското издавање пасоши со украден идентитет, пренесува 360 Степени.

„Не коментираме истраги што се во тек, Амбасадата на САД има тесна соработка со МВР, како и со другите владини министерства и институции во Северна Македонија, за да се постигнат заедничките цели за спроведување на законот и владеење на правото, вклучувајќи регионална соработка за спроведување на законот и борбата против тероризмот“, велат од Амбасадата на САД.

Од американската амбасада додаваат дека тие обезбедуваат техничка помош и поддршка за правосудните органи во државава за зголемување на капацитетот на правосудните органи и поуспешно спроведување на законите и владеење на правото.

„Во тесна соработка со министерствата за внатрешни работи и правда, Амбасадата на САД обезбедува техничка помош, форензика, обука и опрема за да се подобрат капацитетите за спроведување на законите и на правосудните институции. Овие активности придонесуваат за национална и регионална безбедност преку зајакнување на граничната безбедност, транспарентноста и можноста да се истражуваат и да се гонат корупцијата, тероризмот и случаите на организиран криминал“, додаваат од американската амбасада.

На последната прес-конференција, министерот Оливер Спасовски потенцира дека „Двојник“ е меѓународна акција, на која нашата полиција работела со поддршка од Регионалната канцеларија за безбедност и истраги при Амбасадата на САД во Скопје, како и Генералниот секретаријат на Интерпол-Лион и Интерпол-Скопје.

Спасовски го повика Обвинителство да реагира за обид на опозицијата за саботажа на истрагата за фалсификување патни исправи

Спасовски ја обвини опозицијата дека со објавување детали од истрагата направила обид за нејзино саботирање, обид за загрозување на работата на полицијата и стратегиските партнери и против државните интереси.

ВМРО-ДПМНЕ и изминатите два дена продолжи со објавување документи за лица што добиле некои од 219-те такви пасоши.