Алијанса ја зема и УЈП, Лукаревска ќе биде министерка за животна средина?


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Договорот за влез на Алијанса за Албанците во Влада е постигнат. Сега се чека само одлуката на Алтернатива дали ќе се согласи да остане во Владата со само едно министерско место – за информатичко општество.

Како што пренесува Мкд.мк, СДСМ ѝ го отстапува на АА директорското место во Управата за јавни приходи (УЈП), а повеќегодишната директорка, воедно и заменик претседател на СДСМ, Сања Лукаревска ќе стане министерка за животна средина.

Иако не се објавени во целост испазарените функции, особено не директорските, исто така е извесно дека МЕПСО ќе го раководи Алијанса, што е уште една атрактивна функција за сопартијците на Арбен Таравари. Директор на МЕПСО е Орхан Муртезани, висок функционер на Алтернатива и одговорен за односите со новинарите во партијата.

Инаку, АА ги добива министерствата за правда и за здравство, но и Министерството за информатичко општество доколку Алтернатива реши да ја напушти Владата, а доколку остане партијата на Африм Гаши, тогаш на АА ќе ѝ биде дадено едно вицепремиерско место, тоа за економски прашања.

Било договорено, како што веќе изјави Таравари, АА да добие и две заменички министерски места, за одбрана и за земјоделство.