Ахмети дециден: СЈО и јазикот се точки за кои нема компромис и отстапки

Али Ахмети чекајќи ја поканата од Никола Груевски ги срочи условите за кои од ДУИ велат нема да има компромиси во текот на преговорите за идна влада кои се очекуваат да стартуваат со ВМРО ДПМНЕ. Од ДУИ заклучиле дека државниот интерес, како што велат, го ставаат над партиските интереси и калкулации.

ДУИ ги утврдува следните цели како услови кои не можат да бидат предмет на преговарање:
Рамковна употреба на службениот албански јазик
Интеграцијата во НАТО
Интеграцијата во ЕУ
Продолжување на мандатот на СЈО со цел расветлување на сите сомнежи кои произлегуваат од мегаскандалот со прислушувањето.

Од Мала Речица велат дека приоритет им е стабилноста на државата.

Од партијата на Ахмети и во заклучоците по состанокот тврдат дека ДУИ не фаворизира никого. Според партиските брифинзи пак имало сеопфатна и на моменти жестока дебата за пораките на граѓаните на 11 декември кои јасно порачаа дека ДУИ мора да направи промени, локалните избори кои им дишат на интеграциите во врат и трендот на губење гласови кои лесно може да се пресликаат во изгубените градоначалнички позиции напролет.

Ова  според неофицијалните инфомации и брифинзи зад затворени врати на состанокот на ЦОП на ДУИ биле клучните аргументи од мнозинството партиски функционери против коалицирањето на ДУИ со ВМРО ДПМНЕ. Од друга страна, оние кои според истите брифинзи биле малцинство и ја подржале опцијата продолжување на коалцијата со Груевски и Ахмети, тврделе дека така би се почитувал принципот победник со победник, зацртан со Мајскиот договор.

На маса биле и опциите нови избори, широка коалиција по принципот на Пржинската влада, како и останување на ДУИ во опозиција. Се разгледувале последиците по државата, но и по партијата. Пред состанокот за официјални позиции беа воздржани дел од партиските функционери.