Актуелно

Aдвокат од случајот Диво Насеље казнет со парична казна од 1.200 евра

Празна остана судската сала во Врховниот суд во Скопје на судењето за Диво Насеље откако триесет и седумтемина обвинети за тероризам и терористичка организација направија драма во судницата станувајќи и зборувајќи на висок тон кон судијката дека не го прифаќаат Судот и сакат да го напуштат судењето. Судењето заврши со бојкот од обвинетите и казна од 1.200 евра за адвокатот Шазивар Исеини кој освен изречената казна од судот, ќе треба да ги надомести трошоците за денешното судско рочиште кои изнесуваат околу 40 илјади евра. 

Ваквата реакција на обвинетите следеше откако судијката соопшти дека истите обвинители и истиот судски совет ќе продолжат да постапуваат во предметот.

Обвинетиот станува и иако опоменат дека треба да седне и да го следи текот на судењето , тој продолжува да не го почитува судот. Судот издава наредба обвинетиот да се отстрани надвор од судницата. Отстранете го од судница. Со овие зборови судијката Верка Петковска ги отстрани еден по еден обвинетите од судница кои не го почитуваа редот во судницата.

Бојкотот и тензиите кои обвинетите ги предизвикаа во судница ја крена на нозе и Специјалната полиција која беше подготвена да реагира за да не дојде до било каков инцидент. Обвинетите креваа рака за да излезат надвор и гласно се противеа дека не го прифаќаат судот и дека бараат во судница да се појават организаторите. Едни приговараа дека долго време биле во притвор, други дека им се суди а не биле виновни, трети дека за да биде коректна постапката, на судењето како сведоци мора да се појават Артан Груби, Али Ахмети, Никола Груевски и Сашо Мијалков.

Не помогнаа ниту укажувањата на судијката Петковска дека напуштањето на судењето е на нивна штета.

Тоа што го напуштате судењето е на ваша штета. Место да барате да излезете надвор, можете да останете овде и да ја следите постапката во која може да учествувате и вие. Јас уште не сум се произнела за сите ваши предложени докази. Со вакво однесување и непочитување на судот не ми останува ништо друго, освен да ве отстранам, им појасни судијката Петковска на обвинетите.

Откако во судница останаа само адвокатите судијката Петковска рече дека судењето може да продолжи и кога атмосферата во судница се смири,  одбраната стана и повторно побара изземање на судскиот совет поради роднинска врска на сопруга на еден од обвинетите со судија-поротник од советот кој го суди процесот. Судијката го одби и ова барање бидејќи адвокатите не кажаа ниту име на лицата кои се во роднинска врска, ниту пак каква е сродството меѓу нив.

Обидот за изземање на судскиот совет и натаму продолжи, по што судијката Петковска на крајот го казни адвокатот Шазивар Исеини со казна од 1 200 евра , а тој ќе треба и да ги надомести трошоците за денешното рочиште.

Судењето по ова беше прекинато, а следното е закажано за во среда.

Во судскиот процес на 37 обвинети им се суди за тероризам и терористичка организација.  Во терористичките напади загинаа осуммина припадници на МВР.

To Top