
По одложувањето поради лошото време, парадата на „Мејсис“ за Денот на благодарноста ќе се одржи во сабота, на 28 ноември, со две нови музички имиња во програмата.
Јубилејното, стото издание требаше да се одржи на самиот празник, но временските услови ги принудија организаторите да го поместат. Сепак, најголемиот дел од програмата останува непроменет: ќе има балони, украсени платформи, кловнови и познати гости, а дополнително се најавени и двајца изведувачи.
Вил Кос, потпретседател и извршен продуцент на „Мејсис студиос“, во петокот вечерта за Асошиејтед прес потврди дека меѓу „90 и 95 отсто“ од музичките состави, изведувачките групи и познатите учесници успеале да ги усогласат обврските за да се појават во сабота.

Двете нови имиња во програмата се Глорија Гејнор и Ел Ел Кул Џеј.
Меѓу првично најавените учесници беа Меган Морони, Теди Свимс, Квин Латифа, Кики Палмер, Џими Фалон и „Рутс“ и Џоџо. Програмата предвидува и настап во чест на Доли Партон, предводен од Меган Хилти, како и специјални гостувања на ѕвезди меѓу кои се Џенет Мектир и Мелиса Џоан Харт.

„Изминативе неколку дена беа долги, додека ги решававме логистичките прашања зад сцената. Но, тоа што сите можеа и сакаа да ги приспособат своите планови зборува за енергијата и за можноста пред неколку милиони луѓе да се приреди овој спектакл исполнет со радост“, изјави Кос.
Тој додаде дека организаторите ќе го реализираат „стотото издание на парадата на ‘Мејсис’ за Денот на благодарноста, кое го подготвуваме последниве неколку години“. Иако морале брзо да го сменат пристапот и да приспособат неколку работи, Кос нагласи: „Во најголем дел, парадата што ќе ја одржиме утре е онаа што планиравме да ја одржиме во четврток“.
Извор: Just Jared