Џемперите со кратки ракави на прв поглед можеби не изгледаат како типично зимско парче, но токму тоа ги прави поинакви. Сезонава се издвојуваат како свежа алтернатива на класичните зимски џемпери, во комбинации што ги спојуваат удобноста, практичноста и елеганцијата. Нивниот најголем адут е тоа што лесно се носат во слоеви: врз кошула или тенка ролка, но и во едноставни споеви со омилените фармерки или со елегантни панталони.
За нивната популарност особено придонесува трендот на слоевито облекување, кој остава простор за игра со материјали, бои и кроеви. Освен врз кошула или ролка, може да се носат и самостојно под капут или јакна, кога температурите го дозволуваат тоа. Внесуваат мала промена во секојдневното облекување, а и наједноставната комбинација со нив изгледа повнимателно осмислена.


Како да ги носите џемперите со кратки ракави оваа зима?
Врз бела кошула
Една од највпечатливите комбинации е џемпер со кратки ракави облечен врз класична бела кошула. Јаката и манжетните што ѕиркаат под плетивото создаваат интересен контраст и му даваат на изгледот нота на уреден, колеџ-стил. Овој спој одлично се надополнува со панталони со рамен крој, мокасини и чанта со цврста форма. За полежерна варијанта, изберете фармерки и чизми со рамен ѓон.
Со тенка ролка одоздола
За постудените денови, тенката ролка под џемперот е практично решение што изгледа и стилски. Особено добро функционираат комбинациите во сродни или неутрални тонови, како сив џемпер врз црна ролка или беж џемпер со долен слој во крем боја. Со панталони со широки ногавици и чизми, оваа комбинација лесно се вклопува и во деловната гардероба.
Со фармерки или елегантни панталони
За секојдневните обврски, џемперот со кратки ракави одлично оди со фармерки. Моделите во сива, кафеава, темносина и беж боја се особено практични, бидејќи лесно се комбинираат со облеката што веќе ја имате. Носете ги со широки фармерки и патики или со фармерки со рамен крој и кожени чизми за поелегантен изглед. Ременот и омилената чанта се доволни за да ја заокружат комбинацијата. Ако претпочитате минимализам, спојте го џемперот со елегантно скроени панталони. Особено убаво изгледаат моделите со V-изрез, поло-јака или ненаметливи копчиња.
Со миди здолниште за поженствен изглед
Плетената облека и здолништата се секогаш интересен спој, особено кога се комбинираат различни пропорции. Џемперот со кратки ракави може да се носи со сатенско миди здолниште, волнен модел или здолниште со А-крој. Различните текстури на горниот и долниот дел ја прават комбинацијата уште повпечатлива. Со високи чизми и подолг капут, таа е добар избор и за дневни и за вечерни пригоди.


Кои модели се издвојуваат оваа зима?
При изборот, предност имаат квалитетното плетиво и кроевите што лесно се вклопуваат во различни комбинации. Ребрестите џемпери, моделите со поло-јака или V-изрез, како и класичните со кружен изрез, се добра основа за зимско облекување во слоеви. Од боите се издвојуваат сивата, чоколаднокафеавата, бордо, крем и темносината, а дискретните дезени внесуваат малку разиграност во секојдневниот изглед.
Џемперите со кратки ракави покажуваат како едно класично парче може да добие поинаква улога во гардеробата. Со внимателно избрани слоеви и соодветни модни додатоци, лесно стануваат дел од комбинации што се удобни, практични и стилски впечатливи.

Извор: Lepota i Zdravlje