Тифани Тисен (52), позната по серијата „Saved by the Bell“, отворено проговори за проблемите со колкот и за операцијата што ја очекува. Засега ја одложува поради патувањата и работните обврски.
„Во моментов нема да ја правам операцијата поради распоредот на патувањата, а наскоро почнувам и со втората сезона. Затоа планирам да ја направам следната година, откако ќе завршам со снимањето на втората сезона“, објасни актерката.
Тисен првпат откри дека ѝ е потребна замена на колкот во епизодата од подкастот на Том Папа, објавена на 10 ноември. Дијагнозата дисплазија на колкот ја добила кога побарала второ лекарско мислење.
„Морам да го заменам колкот, навистина морам. Кога бев помлада се занимавав со танцување, што беше добра работа. Имам и скинат лабрум, тоа е еден од проблемите. Потоа, кога отидов по второ мислење, дознав дека имам дисплазија на колкот“, раскажа таа.

Според Клиниката Кливленд, дисплазијата на колкот е состојба при која коските во зглобот не се вклопуваат правилно.
„Тоа што како дете бев многу флексибилна сега ми создава проблеми. Слушам дека замената на колк не е толку тешка како замената на колено или рамо“, додаде актерката.
Болките биле толку силни што ја спречувале да извршува одредени активности, меѓу кои и рекреативното играње пиклбол. Во меѓувреме состојбата ѝ се подобрила благодарение на инјекциите што ги прима додека чека операција.
„Играме семејно“, рече тогаш Тисен, која со сопругот Брејди Смит има две деца. „Лекарот не ми кажа дека причината е пиклболот, но веројатно не помага. Последниве неколку недели не можев да играм бидејќи колкот ми беше во многу лоша состојба.“
Во средата актерката подетално зборуваше за болките што ги чувствувала пред да ја добие дијагнозата и да дознае дека е неопходна операција.
„Имав силни болки во колкот и ми се промени подвижноста на левата страна. Кога ќе се родите со многу плитки зглобни чашки, а притоа сте физички активни, танцувате и трчате, како што правев јас, колковите многу се истрошуваат. Бидејќи кај мене нема доволно покриеност на зглобот, сето тоа е десетпати полошо“, објасни таа.
И покрај тегобите, Тисен со оптимизам гледа на закрепнувањето.
„Тоа е причината за голем дел од болките што ги имам. Новиот колк повторно ќе ми даде нов живот, па ќе стигнеме и до тоа. Следната година повторно ќе бидам во форма. Којзнае, можеби ќе истрчам уште еден маратон“, порача актерката.
Извор: US Weekly