Стефан Здравковиќ, кој настапува под уметничкото име Принц од Врање, забележа голем меѓународен успех со победата на музичкиот натпревар „Silk Way Star“, што се емитува на кинеската национална телевизија CCTV.
Претставникот на Србија го освои првото место по десет натпреварувачки епизоди, во конкуренција на пејачи од 12 земји.

По победата, пејачот се огласи на Инстаграм и не ја криеше радоста, ниту значењето што ова признание го има за него.
– Луѓе мои, не можам да се соземам од сето ова. Не ми се верува што постигнав и колку е ова голема работа. Ништо немаше да биде можно без мојот тим и луѓето што беа со мене и на врвот и на дното – напиша Стефан.
Тој посебно им се заблагодари на соработниците од Кина, кои ја препознале неговата песна „Мила“ и му дале можност да биде дел од проектот. Благодарност упати и до организаторите, продукцијата и другите натпреварувачи, а најмногу до публиката, поради која во текот на натпреварот се чувствувал како дома.

Успехот во Кина му отвора нови можности во Азија
Триесет и тригодишниот Здравковиќ го привлече вниманието на јавноста со моќниот глас, впечатливите сценски настапи и препознатливиот имиџ. Во 2025 година ја претставуваше Србија на Евровизија со песната „Мила“, а победата во Кина би можела да биде значаен чекор во неговата меѓународна кариера.
Во објавата пејачот се осврна и на патот што го поминал од родното Врање до големите меѓународни сцени, признавајќи дека сè уште му изгледа неверојатно она што го доживеал.
– Животот е непредвидлив, но токму затоа е прекрасен. Кој би рекол дека едно дете од Врање ќе помине низ толку нешта и ќе го доживее сето ова, само искрено работејќи го она што го сака и за што Бог му дал дарба. Верувајте, сè е можно – порача тој.
Како што откри, неговите музички авантури во Азија допрва почнуваат. Меѓу првите обврски му е снимањето новогодишна програма за кинеската публика во Макао, а Стефан со радост го очекува она што следува.
Сподели и интересен детаљ од финалето: на музичкиот аранжман работел соработник кој соработува со светски ѕвезди, меѓу кои и Џеси Џеј.
– Се надевам дека ова допрва ќе донесе неочекувани нешта. За почеток, снимање новогодишна програма за Кина во Макао, па полека понатаму. Што и да се случи или не се случи, благодарен сум за сè – напиша Принц од Врање.
На крајот нагласи дека, каде и да го однесе животот, музиката и песната остануваат неговиот дом и сигурно прибежиште.
Извор: Story.rs