Зои Кида ја сподели со публиката својата нова музичка приказна за љубовта, нежноста и сензуалноста. Кантавторката, која со години гради препознатлив музички израз, синоќа на концертот во „БитефАртКафе“ премиерно го претстави спотот за „Бог додира“, песна од нејзиниот актуелен албум „Cosmic Delivery“.
Таа е авторка на музиката и текстот, а аранжманот го потпишува Андрија Гавриловиќ – A.N.D.R. За концептот и режијата на видеото се погрижи Миша Обрадовиќ.

Зборувајќи за инспирацијата, Зои Кида објасни дека песната е длабоко лична и интимна, посветена на љубовта и на чувствата што таа ги буди.
„Ова е многу лична и интимна песна, посветена на најубавиот вид љубов и на сè што таа разбудува во мене. Сакав да го доловам чувството на вљубеност во кое се испреплетуваат нежноста и сензуалноста. Тоа е љубов што се чувствува во погледот, во близината, во допирот“, рече кантавторката.

„Бог додира“ е соул-балада инспирирана од атмосферата на безвременските песни што Зои Кида особено ги сака. Звукот на трубата ѝ дава посебна топлина на композицијата, нагласувајќи го нејзиниот емотивен и помалку меланхоличен тон.
Визуелната приказна ја осмисли и ја режираше Миша Обрадовиќ. Со внимателно избрани кадри, тој настојувал да ги пренесе леснотијата, сензуалноста и нежноста што кантавторката сакала да ги сподели со слушателите.

„Миша успеа низ кадрите да ја долови токму атмосферата што ја посакував: лесна, сензуална и полна со емоции. Спотот е прекрасно снимен и монтиран, со едноставна идеја и со особено внимание кон естетиката. Мило ми е што преку сликата ѝ дадовме уште една димензија на песната“, истакна Зои Кида.
Премиерата на спотот беше еден од посебните моменти на синоќешниот концерт во „БитефАртКафе“. Зои Кида и нејзиниот бенд првпат во живо ја изведоа „Бог додира“, како и другите песни од албумот „Cosmic Delivery“.
На програмата имаше и песни од ЕП-изданието „Жена дете“, но и познати хитови од периодот со групата „Земља грува“, со кои публиката се потсети на различните фази од нејзиното музичко творештво.
Во интимна атмосфера се редеа љубовни приказни, женски теми и размислувања за животот и светот околу нас. Не изостанаа ниту стиховите што охрабруваат и потсетуваат на убавината на секојдневните мигови. Сето тоа беше заокружено со препознатливиот спој на модерен поп, соул, афробит и електроника, кој го обележува музичкиот израз на Зои Кида.
До следната концертна средба со публиката, „Бог додира“ и придружниот спот остануваат покана за препуштање на чувствата и за откривање на понежната, посензуална страна на љубовта.
Извор: Story.rs