
Претседателот на „Марвел студиос“, Кевин Фајги, откри нови детали за плановите на студиото за филмовите „Одмаздници“ и за враќањето на Роберт Дауни Џуниор.
Во рамките на филмскиот универзум на „Марвел“ претходно беа најавени два нови филма: „Avengers: The Kang Dynasty“ и „Avengers: Secret Wars“. Но, по апсењето на Џонатан Мејџорс поради напад, студиото ја прекина соработката со него. Потоа, „The Kang Dynasty“, во кој Мејџорс требаше да го игра главниот негативец, беше преработен и преименуван во претстојниот „Avengers: Doomsday“.
Подоцна беше објавено дека Роберт Дауни Џуниор ќе го толкува Доктор Дум, главниот негативец во следното продолжение на „Одмаздници“.
Во ново интервју пред премиерата на „Doomsday“, Фајги објасни дека и Дауни и Доктор Дум биле дел од плановите уште пред овие промени.

„Веројатно и понатаму ќе се викаше ‘The Kang Dynasty’, но некаде на средината од филмот ќе почнеше да се подготвува теренот за Дум“, изјави Фајги за „Емпајр“, а пренесе „Плејлист“.
Тој раскажа дека првиот разговор со агентот на Дауни го започнале на премиерата на „Ant-Man and the Wasp: Quantumania“, со зборовите: „Имаме идеја, време е“.
Осврнувајќи се на случајот со Мејџорс, Фајги ја опиша ситуацијата како „многу деликатна“.
„Не сакавме да избрзуваме со непромислени одлуки за работниот ангажман“, рече тој. „Луѓето мислат дека сè беше последица на проблемите на Џонатан, а тие секако забрзаа некои работи. Но, плановите за Дум веќе беа во поодмината фаза пред тоа“.
Според Фајги, студиото веќе го преиспитувало концептот за „The Kang Dynasty“ уште пред да стане јасно дека „Quantumania“ нема да ги исполни очекувањата на киноблагајните.
„‘Quantumania’ не беше прифатен онака како што се надевавме“, изјави тој. „Има многу елементи од филмот со кои се гордееме, а еден од нив е актерската изведба на Канг. Но, уште тогаш правевме промени во ‘The Kang Dynasty’“.
„Avengers: Doomsday“ пристигнува во кината за еден месец, на 18 декември, а сцената по одјавната шпица во „VisionQuest“ ја зголеми продажбата на билети.
Извор: Just Jared