„Вирџин Ривер“ официјално доби зелено светло за деветта сезона. Во ексклузивно интервју за „Ју-ес викли“, направено пред објавувањето на веста во петокот, 13 ноември, Бен Холингсворт зборуваше за тоа уште колку би можела да трае серијата на Нетфликс.
„Серијалот книги ‘Вирџин Ривер’ има многу наслови. Има изобилство материјал од кој може да се црпи“, истакна тој. „А мислам дека и обожавателите сè уште се прилично желни за нови продолженија. Ќе видиме.“
Снимена според книгите на Робин Кар, „Вирџин Ривер“ ги следи животите на жителите на мало гратче во Северна Калифорнија, меѓу кои се Мел, која ја игра Александра Брекенриџ, и Џек, во толкување на Мартин Хендерсон.
Популарната серија почна да се прикажува во 2019 година, а покрај Холингсворт, во неа играат и Колин Лоренс, Анет О’Тул, Тим Матесон, Сара Дагдејл, Зиби Ален и Каи Бредбери.
Во текот на седумте сезони имаше неколку значајни заминувања од актерската екипа. Грејсон Гарнси, кој го играше Рики, си замина по четвртата сезона во 2022 година. Изненадување беше и заминувањето на Марк Ганиме, кој го толкуваше Камерон, по објавувањето на шестата сезона во декември 2024 година.

Во март серијата се врати со седмата сезона, а подоцна беше потврдено дека Марко Грацини нема повторно да го игра Мајк. Уште една промена е тоа што ниту Лорен Хамерсли, која ја толкува Шармејн од самиот почеток, не се очекува да се врати во осмата сезона.
„Секогаш е мешавина од тага и радост“, изјави Холингсворт. „Никогаш не знаеме дали и кога некој би можел повторно да се појави во серијата. Едно нешто што навистина добро го правиме како актерска екипа е топлото добредојде за новите колеги.“
Тој додаде: „Кај нас луѓето се пречекуваат со раширени раце. Исто како во самата серија. Сите се многу љубезни едни кон други. Прекрасно е да се биде дел од таа екипа на снимање. Тешко е кога некој си заминува, но кога доаѓа некој нов, внесува нешто поинакво и ѝ дава нова нијанса на серијата, а и тоа е важно.“
Неговите коментари доаѓаат во време кога обожавателите се загрижени и за неговата иднина во серијата. Во финалето на седмата сезона Брејди беше повреден во сообраќајна несреќа со мотоцикл, а Холингсворт засега не открива дали неговиот лик и натаму ќе биде дел од „Вирџин Ривер“.
„Искрено, не очекував толку бурна реакција од обожавателите. Луѓето имаат силни ставови за тоа, што е убав комплимент. Навистина го доживувам како комплимент кога велат: ‘Оваа серија не може без Брејди’“, рече тој.
„И јас го мислам истото. Посебно е чувството кога гледам колку луѓето се приврзуваат за Брејди, а мислам дека дел од причината е тоа што е толку човечен. Сите се трудиме да бидеме подобра верзија од себе, а Брејди работи на тоа уште од првата сезона. Дали постојано греши? Дали се обидува да биде подобар? Да, а му се случуваат и многу несреќни работи. Секогаш се труди да го направи она што го смета за исправно. Може да постапи погрешно, но најчесто со добра намера. А со таков лик луѓето навистина можат да се поистоветат.“
Нетфликс ги потврди осмата и деветтата сезона на „Вирџин Ривер“.
Извор: US Weekly