Зак Афлек јавно ѝ се извини на сопругата Џен Афлек, со која се разделува, во пресрет на премиерата на нејзиното ново реално шоу „Тајните животи на мормонските сопруги: Округот Оринџ“. Тој изрази длабоко жалење за тоа како неговото „неприфатливо“ однесување влијаело врз неа.
„Во изминативе неколку дена ги следев разговорите на интернет за моето семејство, мојот брак и моите претходни постапки што беа прикажани на екран“, наведе Зак во изјавата.
На крајот од обраќањето тој порача: „Можеби еден ден моите деца ќе го видат ова на интернет. Единственото нешто што сакам да го знаат е дека нивните родители ги сакаат повеќе од сѐ. Посветен сум на тоа да бидам најдобрата верзија од себе за нашето семејство“.
Џен, пак, во ексклузивен разговор за „Ју-ес викли“ откри дека бременоста имала огромно влијание врз нејзината одлука да го заврши бракот. Како што објасни, истата причина поради која побарала развод воедно ја направила таа одлука толку тешка.
„Тоа беше четвртото дете. Морав да си поставам многу тешки прашања, како: ‘Дали сакам ова дете да ја гледа оваа врска како пример?’ Кога сфатив дека одговорот е не, ми стана јасно дека морам нешто да сменам. Голем дел од тоа ќе го видите во првата сезона на новото шоу во округот Оринџ“, рече таа.
Џен призна дека снимањето на „Тајните животи на мормонските сопруги“ „дефинитивно ја забрзало“ нејзината одлука да продолжи понатаму без Зак.
„Кога снимате, а потоа повторно гледате како вашиот живот се одвива пред милиони луѓе, тоа е поинаку отколку да се гледате во огледало. Некои работи стануваат многу повпечатливи“, објасни таа.
„Една година терапија како да станува 20 години, бидејќи сѐ добива многу поголеми размери кога го споделувате пред целиот свет. Мислам дека и да не учествував во реално шоу, сепак ќе ја донесев оваа одлука. Само ќе ми требаше многу повеќе време“, додаде Џен.
„Тајните животи на мормонските сопруги: Округот Оринџ“ премиерно се прикажува во четврток на Хулу.
Извор: US Weekly