Home Шоубизнис Сенатот на „Корнел“ ѝ изгласа недоверба на управата поради постапувањето по наводно групно силување

Сенатот на „Корнел“ ѝ изгласа недоверба на управата поради постапувањето по наводно групно силување

Сенатот на наставниот кадар на Универзитетот „Корнел“ ѝ изгласа недоверба на универзитетската управа поради нејзиното постапување по наводниот сексуален напад во куќа на студентско братство во 2024 година. Како што објави Ен-би-си њуз во петокот, на 6 ноември, гласањето следува откако поранешна студентка, во судските документи наведена како Џејн Доу, изнесе обвинувања за нападот.

Според резултатите до кои дошол Ен-би-си њуз, предлогот бил усвоен со 75 гласа „за“ и 50 „против“, со пет воздржани и уште пет членови кои не гласале.

Сепак, гласањето нема непосредно влијание врз одлуките за раководството на универзитетот, вклучително и врз иднината на претседателот Мајкл Котликоф. Овластувањето да го разреши го има Одборот на доверители, кој во петокот порача дека и натаму го поддржува неговото раководење.

„Одборот на доверители останува уверен дека претседателот Котликоф и неговата управа се вистинските луѓе за внимателно и сеопфатно справување со сериозниот проблем на сексуално насилство во нашиот кампус“, наведе во соопштение претседателката на одборот, Ен Мајниг Смолинг.

Во септември, Џејн Доу поднела тужба за настаните што, според нејзините наводи, се случиле на 19 октомври 2024 година во куќата на студентското братство „Кај Фај“. Таа тврди дека отишла таму сама, по вечер во која пиела алкохол, и дека била притискана да вшмркува кетамин, да пуши марихуана и да пие алкохол.

Според нејзиното сведочење, сè почнало како сексуален однос со двајца членови на братството, на кој таа се согласила. Но, ситуацијата брзо излегла од контрола откако во групниот разговор на братството на Снепчет била објавена вулгарна порака дека има „бесплатна п***а“.

Од седумтемина членови на „Кај Фај“ кои наводно биле вмешани во нападот, двајца биле исклучени од универзитетот. Другите добиле значително поблаги казни, како пишување есеи или учество на работилници. Кога Доу го пријавила случајот во полиција неколку недели подоцна, не биле поднесени кривични обвиненија. Таа подоцна ги напуштила студиите на „Корнел“.

Претседателот на универзитетот, Котликоф, се огласи за обвинувањата со видеоизјава во октомври.


Извор: US Weekly

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Шоубизнис
Comments are closed.

Check Also

Објавена причината за смртта на Метју Рајт, извршниот продуцент на шоуто на Елен Деџенерис

Метју Рајт почина на 52-годишна возраст на 30 октомври. Според потврдата за смртта, причин…