Поткастите за здравје можат да бидат добра инспирација за секој што сака да ги подобри своите навики и квалитетот на животот, без строги режими и коренити промени. Поздравото живеење не мора да значи сосема поинакво секојдневие. Понекогаш е доволно да пешачиме повеќе, да обрнеме внимание на сонот, да најдеме полесен начин за справување со стресот или да го преиспитаме односот кон храната. Но, меѓу многубројните информации за здравје и благосостојба, не е лесно да се најде содржина што е интересна, корисна и поткрепена со релевантни сознанија. Затоа издвојуваме пет поткасти што можат да нѐ поттикнат на мали, но значајни промени.
Во нив има разговори со стручњаци за нашите секојдневни навики, но и конкретни предлози за подобра организација на денот, поквалитетен одмор и повеќе енергија. Можеме да ги слушаме додека шетаме, подготвуваме појадок или патуваме до работа, а дел од идеите да ги испробаме уште истиот ден.
Поткасти што можат да ни помогнат да изградиме подобри навики
Feel Better, Live More
За оние што бараат содржина во која здравјето се разгледува како спој на физичката и менталната благосостојба, добар избор е Feel Better, Live More на д-р Ранган Чатерџи. Овој британски лекар, преку разговори со стручњаци и интересни гости, истражува како секојдневните одлуки влијаат врз тоа како се чувствуваме. Се зборува за исхраната, сонот, физичката активност, опуштањето и емоционалното здравје, со акцент на едноставни промени што можеме долгорочно да ги одржиме. Особено се издвојува пристапот според кој грижата за здравјето не треба да биде уште една задача на списокот со обврски, туку природен дел од животот.
The Mel Robbins Podcast
Мотивацијата, дисциплината и градењето подобри рутини се главните теми на The Mel Robbins Podcast. Мел Робинс разговара со стручњаци од различни области и споделува практични совети што можат да ни помогнат да ги промениме обрасците на однесување и полесно да се придвижиме кон посакуваните промени. Особено интересни се епизодите за утринските и вечерните рутини, справувањето со стресот, самодовербата и навиките што влијаат врз нивото на енергија. Поткастот е наменет за сите што сакаат помалку да ги одложуваат обврските, да најдат повеќе време за себе и да остават простор за активности што им годат.
ZOE Science & Nutrition
Исхраната е важен дел од здравиот начин на живот, но тоа не значи дека секој оброк треба да се сведе на броење калории или почитување строги правила. Во ZOE Science & Nutrition, водителот Џонатан Вулф разговара со научници и стручњаци кои разбирливо објаснуваат теми поврзани со исхраната, цревниот микробиом и влијанието на различните намирници врз организмот. Разговорите нудат повеќе сознанија за разновидната исхрана, растителните влакна и ефектите од одредени прехранбени навики, со цел полесно да носиме информирани одлуки за секојдневното мени.
Два и пол психијатри
Менталното здравје е неразделен дел од квалитетниот живот, а поткастот Два и пол психијатри ги отвора токму прашањата што често ги занемаруваме во секојдневното брзање. Психијатрите Сања, Милутин и Лена разговараат за стресот, анксиозноста, односите со другите, осаменоста, самодовербата и емоционалните обрасци. Внимание заслужуваат епизодите за заморот, одложувањето на обврските, менталното здравје и трчањето. Тие покажуваат колку нашите навики, физичката активност и организацијата на денот се поврзани со психичката благосостојба. Ова е добар избор за слушателите што сакаат подобро да се разберат себеси и своето однесување, без сложени стручни објаснувања.
The Science of Happiness
Здравјето не се сведува само на физичката кондиција и исхраната. Врз квалитетот на животот силно влијаат и односите со другите, чувството на припадност, благодарноста и начинот на кој ги доживуваме секојдневните ситуации. Токму со овие теми се занимава The Science of Happiness, поткаст што се создава во рамките на центарот Greater Good Science Center при Универзитетот во Беркли. Психологот Дачер Келтнер претставува истражувања и практични вежби што можат да ни помогнат да развиеме попозитивни начини на размислување, да ги негуваме односите и да наоѓаме повеќе задоволство во малите нешта. Неговиот пристап е интересен затоа што среќата не ја прикажува како апстрактна цел, туку како нешто на кое можеме да работиме со мали, секојдневни постапки.
Не е неопходно да ја прифатиме секоја препорака или преку ноќ да ја смениме целата рутина. Поважно е од она што го слушаме да ги издвоиме идеите што одговараат на нашите потреби и на нашиот животен ритам. Уште десет минути пешачење, легнување во приближно исто време или свесно одвојување време за одмор — малите промени, кога сме доследни во нив, можат да бидат добар почеток на поздраво секојдневие.

@elllsahansen
Извор: Lepota i Zdravlje