
Саша Барон Коен раскажа за неочекуваниот разговор со тимот на „Марвел“ пред да ја прифати улогата во серијата „Ајронхарт“.
Педесет и петгодишниот актер го толкува демонот Мефисто во серијата на „Дизни+“. Но, пред да го ангажираат, авторите сакале да бидат сигурни дека улогата нема да му биде непријатна поради неговото еврејско потекло.
Во интервју во живо за „Happy Sad Confused“ со Џош Хоровиц, одржано во средата, на 21 октомври, во њујоршкиот културен центар „92nd Street Y“, Коен се присети како тимот го отворил прашањето за антисемитските стереотипи додека му ја нудел улогата.
„Средбата на која ми ја понудија улогата беше прекрасна“, рече тој, како што пренесува „Вараети“.
Коен објасни дека креативниот тим бил свесен за долгата историја на неправедно поврзување на Евреите со ѓаволот. Затоа, наместо само да му ја понудат улогата, сакале да проверат дали таквиот избор би го навредил.
Според актерот, тие му посочиле дека ја разбираат штетната историја на овие стереотипи и дека сакаат да покажат почит кон него.
„Тоа беше неверојатно внимателен гест, полн со емпатија“, се присети тој.
Коен немал никаков проблем да го игра ликот и му значело тоа што тимот одвоил време да разговара за ова прашање.
Разговорот за него имал посебно значење бидејќи, како што рече, Евреите не секогаш чувствуваат дека другите ги разбираат нивните искуства.
„Мислам дека ние, Евреите, понекогаш се чувствуваме незабележани“, изјави тој.
Актерот го пофали и продуцентско-режисерскиот тим, составен претежно од црнци, за вниманието со кое пристапил кон тоа како улогата би можела да влијае врз него како еврејски актер.
„Не чувствуваме дека луѓето можат да се соживеат со нас, да разберат дека и ние страдаме. Затоа, кога овој продуцентско-режисерски тим, целосно составен од црнци, покажа толкава емпатија, почувствував дека некој навистина нè гледа и нè разбира. Тоа беше неверојатно искуство.“
Коен дебитираше во филмскиот универзум на „Марвел“ како Мефисто во финалето на првата сезона на „Ајронхарт“, прикажано во јули 2025 година.
Мефисто е демон од стриповите на „Марвел“, познат по тоа што склучува опасни договори со суперхероите.
Во финалето тој ѝ нуди договор на Рири Вилијамс, која ја игра Доминик Торн, со кој би ја вратил во живот нејзината почината најдобра пријателка.
Коен во моментов го промовира својот нов филм „Ali G: Who Iz I?“, кој почна да се прикажува во кината во петокот, на 23 октомври.
Извор: Just Jared