Мајли Сајрус ѝ помогна на својата обожавателка Кеш Џејкобс да помине низ еден од најтешките моменти по дијагнозата рак на дојка во трет стадиум. Џејкобс објавила видео на социјалните мрежи, надевајќи се дека 33-годишната пејачка ќе се согласи да ѝ ја избричи главата. По објавата, тимот на Сајрус стапил во контакт со неа и ја организирал средбата.
„Навистина ќе го направиме ова?“, прашува Сајрус во видеото, а потоа се пошегува: „И јас претходно сум си ја избричила главата“.
Добитничката на „Греми“ ја охрабри својата обожавателка со зборовите: „Можеш истовремено да бидеш и нежна и силна“.
Сајрус ѝ порача на Џејкобс и дека е нормално да има измешани чувства — истовремено да мисли „Се плашам“ и „По ѓаволите, можам да го пребродам ова“.
„Секој различно страда“, додаде пејачката на „Midnight Sky“.
На снимката потоа се гледа како Сајрус ја бодри Џејкобс со зборовите „Ајде, девојко, да го направиме ова“, додека почнува да ѝ ја бричи главата пред огледало.
Џејкобс ја изрази својата благодарност во описот на објавата, како и во дополнително видео на Тикток.
„Мајли не само што ми организираше повторно да долетам во Лос Анџелес и ми обезбеди билети за втората вечер во ‘Холивуд боул’, туку одвои време и да се сретне со мене потоа и да ми помогне да поминам низ еден од најстрашните и најинтимните моменти во мојот живот“, напиша Џејкобс.
„И без тоа беше доволно тешко да дознаам дека имам рак на дојка, да ми вградат порт во градите и да почнам со хемотерапија. А допрва ме очекуваа и несаканите ефекти од хемотерапијата“, додаде таа.
Џејкобс објасни дека музиката на Сајрус често ѝ помагала во тешките периоди од животот. Затоа се обидела да го привлече вниманието на тимот на пејачката со молбата токму таа да ѝ ја избричи главата — желба што на крајот ѝ се исполнила.
Извор: US Weekly