“`html
Сјајна кожа, заводливи очи и сочни усни: како да го повторите секси имиџот на култната филмска ѕвезда од 50-тите години?
Американската филмска актерка, секс симбол на 1950-тите, пејачка и манекенка Мерилин Монро е родена на 1 јуни 1926 година во Лос Анџелес. Славната убавица и холивудска дива пленеше со својата убавина и секси енергија и до денес многумина ја сметаат за една од најубавите жени низ вековите.
Еве во што е тајната на нејзината убавина:
Нега на кожа
Мерилин Монро имала многу сува кожа, па затоа секогаш користела многу навлажнувачки креми: филмската актерка дури нанесувала тенок слој вазелин под пудрата. Оваа техника ѝ давала на нејзиното лице совршена мазност и визуелна свежина.
Акценти на лицето
Актерката користела хајлајтер за да ги истакне јаболчниците, вдлабнатината над горната усна, брадата и врвот на носот. За да го истакне „срцевидниот“ облик на лицето, Мерилин на челото нанесувала посветла пудра, а на линијата на јаболчниците, линијата на косата и брадата потемна. Актерката користела исклучиво розова или руменило во боја на праска за природен и здрав изглед на кожата.
Очи
Таајната на заводливиот изглед на Мерилин Монро биле вештачките трепки. Актерката на крајот на капакот залепувала само половина трака вештачки трепки, што ѝ давало на нејзините очи облик на бадем. Се верува дека актерката со темно кафен, а не со црн ајлајнер цртала тенка издолжена стрелка и користела кафени сенки на долниот капак за да го постигне ефектот на сенка на тешки трепки. За да го отвори погледот, на внатрешниот капак нанесувала бел молив, а на аглите на очите блиску до солзниот канал црвена точка којашто ѝ ги правела очите да изгледаат посветли.
Веѓи
Легендарната Мерилин имала доста темни густи веѓи карактеристични по облик. Веѓите со висока лакетка ги истакнувала со молив кој бил малку потемен од коренот на нејзината коса.
Усни
За да постигне ефект на сочни, заводливи усни, Мерилин Монро користела четири различни кармини. За да имате усни како Мерилин, треба да ги исцртате со темноцрвен молив. Потоа нанесете го омилениот кармин, можете да го нанесете во неколку слоја, а средината на усните бојајте ја со малку посветла нијанса. Ова ќе додаде 3D ефект.
Белег
Мерилин Монро природно имала белег на образот кој го нагласувала со темен молив. Ако сакате да го имитирате белегот како филмска ѕвезда, прво нацртајте го со темно кафен молив, а потоа нанесете потемна нијанса внатре за што поприроден изглед.
“`