Хејли Бибер станува новото заштитно лице на брендот Манго во рамките на нивната летна кампања за 2026 година, а целиот проект изгледа како совршено стилизирана разгледница од Калифорнија во нејзиното најопуштено, најсончево издание.
Под слоганот „Создај ја својата приказна“, новата Summer 2026 кампања го носи духот на Лос Анџелес низ призмата на минимализмот, естетиката на „еlevated street style“ и таа препознатлива модна филозофија на Хејли Бибер која веќе со години се врти околу едноставност која изгледа скапо. Кампањата, снимена на улиците и во светлосно меки кадри на Лос Анџелес, го носи потписот на фотографот Антони Секлоа, додека видео сегментите се реализирани во соработка со Марсел Рев и Балинт Симлер, создавајќи визуелен наратив кој повеќе личи на мини филм отколку на класична модна кампања.
Она што ја издвојува оваа соработка е фактот дека не се потпира на претерување или драматични модни моменти, туку на гардероба која изгледа природно, носливo и лесно вклопливо во секојдневниот живот. „Less is more“ е пристапот кој веќе со години го дефинира стилот на Хејли Бибер – спој на основни парчиња, чисти линии и дискретни, но промислени детали кои даваат луксузен завршен ефект на целиот аутфит.
Новата Манго колекција ја следи оваа естетика до најситни детали. Во фокусот се клучни елементи на летната гардероба: микро шорцеви кои ја истакнуваат лежерната силуета, тесни crop топови, oversized јакни кои даваат контраст и структура, како и минималистички мини фустани кои изгледаат подеднакво ефектно ден и ноќ. Сето е обликувано низ чисти кроеви и опуштени форми кои не ја оптоваруваат силуетата, туку природно ја следат.
Колор палетата дополнително го истакнува летниот карактер на колекцијата – светли нијанси на црвена и сина внесуваат енергија и динамика, додека неутрални тонови како беж, бела и песок ја одржуваат препознатливата Манго естетика на носивост и безвременска елеганција.
Резултатот е колекција која не се обидува да шокира, туку да инспирира: моден snapshot на еден современ, опуштен луксуз кој совршено одговара на летниот ритам на 2026 година.