16 Топли џемпери за студените зимски денови
Време е гардеробата да се освежи со безвременски дезени што ја прават зимата стилска, наместо сива и монотона.
Џемперите без двоумење се првата асоцијација кога температурите почнуваат да паѓаат. Штом воздухот стане постуден, потрагата по идеалното зимско плетиво се претвора во вистинска модна мисија. Топол, мек и доволно впечатлив за да го освежи секој стајлинг – новиот џемпер веќе го очекува своето место во ормарот.
Во оваа зимска сезона, сцената на плетени парчиња никогаш не била побогата. Од луксузни кашмирски и волнени модели, преку силни логотипи и разиграни илустрации, до култните polo bear џемпери – изборот се прилагодува според расположението, стилот и личниот моден идентитет. Класичните ролки остануваат сигурен избор, исто како и моделите со впечатливи пораки и дезени, но за оние кои сакаат да излезат од зоната на монохромен минимализам, вистинското решение се моделите со специфични форми и шари.
Вниманието оваа сезона го привлекуваат два дезена кои доминираат во зимските трендови: аргл и фер ајл.
Безвременскиот аргл мотив со препознатливи ромбови повторно се наметнува како незаобиколен дел од светот на зимското плетиво. Овој класичен дезен, кој потекнува од шкотските планини, носи со себе богата историја и има истовремено силен, но софистициран карактер. Затоа сè почесто го гледаме во колекциите на престижни модни куќи, како што е потврдено и во колекцијата есен/зима 2025 на брендот Каjт. Аргл џемперот лесно се вметнува во секој зимски аутфит, идеален е за слоевито облекување и внесува префинета нота дури и во наједноставните комбинации.
Од друга страна, фер ајл дезенот сè уште е омилен зимски класик. Овој традиционален, но исклучително елегантен мотив датира од 19. век и потекнува од мало шкотско островче. Иако длабоко вкоренет во историјата, денес фер ајл џемперите се задолжителен дел од зимскиот уличен стил. Топли, пријатни и со ненаметлив шик, овие џемпери долги години се препознатлив дел од гардеробата на војвотката Кејт Мидлтон, што им дава дополнителна доза аристократски шарм.
Ако сè уште не сте одлучиле или пак потрагата дури сега почнува, зимата е идеално време за модно освежување. Особено сега, кога сезонските попусти се во својот полн ек – совршен момент да се внесе најтоплото, најудобното и најмодерно плетиво оваа сезона – она кое совршено ги спојува стилот, традицијата и неодоливото чувство на cozy атмосфера.