Голема студија ги руши митовите: „Легнувањето на време“ можеби не е само навика – туку тајно оружје за здравје и енергија!
Колку пати сте ја слушнале реченицата: „Ништо добро не се случува после полноќ“? А колку пати токму тогаш сте имале најлудата вечер во животот, непланирана прошетка наутро низ градот или афтепарти што се претворило во приказна за раскажување?
Но… сега науката вели свое – и овојпат во корист на сите ранобудни.
РАНО ЛЕГНУВАЊЕ = ПОВЕЌЕ ЕНЕРГИЈА = ПОВЕЌЕ ДВИЖЕЊЕ
Во огромна студија во која учествувале дури 20.000 возрасни, истражувачите ги следеле нивните навики за спиење и физичка активност – не преку здодевни прашалници, туку со помош на паметни био-алки што регистрирале речиси 6 милиони ноќи. Да, шест милиони ноќи! Имаме сериозни податоци.
Резултатот? Оние кои легнувале околу 21 час, следниот ден имале во просек 30 минути повеќе физичка активност во споредба со оние што легнувале во 1 по полноќ. Дури и во споредба со оние што легнувале околу 23 часот, „раните спијачи“ биле активни 15 минути подолго во текот на денот.
И сега можеби се прашувате – „Можеби тие луѓе се едноставно родени спортисти?“
Па… не мора да значи! Научниците забележале дека и „ноќните типови“ започнале да се движат повеќе кога се обиделе да легнат порано. Значи, не се работи за тоа дека ноќните луѓе не сакаат да вежбаат – туку едноставно им недостига време и енергија.
ПОВЕЌЕ СОН, ПОВЕЌЕ ЗДРАВЈЕ, ПОВЕЌЕ СЈАЈ!
Зошто ова е важно? Затоа што физичката активност – дури и ако се работи за брзо одење до работа или неколку чучњеви дома – директно е поврзана со здравјето, расположението и долговечноста. Една студија од 2017 година покажа дека луѓето што редовно вежбаат (на пример, 30–40 минути трчање, пет пати неделно) имаат биолошка предност од дури 9 години во однос на оние што поголемиот дел од денот го поминуваат седејќи. Звучи како еликсир на младоста? Па, речиси дека е тоа.
РЕШЕНИЕТО ШТО ОТСЕКОГАШ НИ БИЛО ПРЕД НОСОТ
Водачот на истражувањето, доктор Џош Леота, вели дека наместо одвоено да се промовираат „сон“ и „физичка активност“ во кампањите за здрав живот, подобро би било да се промовира порано легнување како директен чекор кон поенергичен и поактивен ден.
Зашто реално – сите се обидуваме да балансираме помеѓу работа, друштвен живот, сон, рутина за нега, грижа за себе и уште илјада нешта, во еден ден со само 24 часа. Токму затоа оваа стратегија има логика.
ЗАКЛУЧОК ЗА СИТЕ МОДЕРНИ ЖЕНИ ШТО САКААТ ПОВЕЌЕ ОД ДЕНОТ?
Обидете се да легнете порано – не за баба и мајка, туку за сопствената енергија, сила и сјајна виталност. Можеби е време т.н. „Тим без сон“ да стане „Тим убав сон“.
Понекогаш, најделотворниот животен трик не е нова апликација или уште еден додаток во исхраната – туку едноставно… да спиете како кралица. Навреме.