Свадба како од бајките, со познати лица и совршена венчаница
Свадбата на Ив Џобс, ќерката на визионерот и основач на „Епл“, Стив Џобс, беше настан од кој застанува здивот – со бајковита атмосфера, строга тајност, гости од самиот врв и венчаница за која сонува секоја модна вљубеничка.
Наследничката на технолошкото царство се омажи за британскиот олимпиец и харизматичен џентлмен Хари Чарлс, во идиличниот предел на англискиот Котсволдс. Прославата траеше три дена, со сета гламурозна раскош што може да се замисли.
На Инстаграм, Ив конечно ја сподели првата фотографија во венчаницата, и интернетот – очекувано – полуде. И со право! Зашто ова не беше обична венчаница, туку haute couture ремек-дело од модната куќа „Живанши“. Минималистичка силуета со моќен ефект: четврто деколте, тесен корсет кој совршено ја истакнува фигурата и долга, лесна чипкана сукња која грациозно паѓа до подот. Класика со допир на драматика, луксуз кој не е пренагласен. Комбинацијата беше надополнета со чипкан вел и елегантна високо збиена фризура – целосна модна бајка. А младоженецот? Вистински британски џентлмен во класичен црн смокинг – стил без ниту една грешка.
Тајна церемонија, но со холивудска листа на гости
Венчавката се одржа во историската црква „Свети Михаил и сите ангели“, под строга дискреција. Телефони? Строго забранети. Превоз? Организиран тајно, со затемнети автобуси и заштитна завеса против љубопитните погледи. А гостите? Звезди ред по ред – од Камала Харис до Џенифер Гејтс и Џесика Спрингстин.
Вечерта ја отвори ништо помалку од Елтон Џон со приватна изведба вредна дури еден милион фунти, а атмосферата ја подигна светскиот мајстор на електронската музика Кејтранда со својот DJ сет. Ако ова не беше забава на деценијата, тогаш не знаеме што беше.
Грција во срцето, меден месец во стил „само луксуз“
По судбоносното „да“, Ив и Хари ги спакуваа куферите (односно, Луј Витон торбите) и заминаа на меден месец – директно во Грција. Кружеа низ рајот наречен Егејско Море на луксузната суперјахта „Венус“, која самиот Стив Џобс ја дизајнирал. Запреа на магичниот Милос, уживаа во сонцето, се капеа во тиркизните заливи и се препуштија на грчката кујна, во друштво на мајката на невестата, Лорин Пауел Џобс, и нејзиниот партнер Адријан Фенти.
Модниот свет веќе ја прогласува Ив Џобс за најстилизирана невеста во 2025 година. И како да не – таа носи „Живанши“, има елеганција како Одри Хепберн, сигурност како Меган Маркл и презиме што е синоним за генијалност. А сето тоа го претвори во љубовна модна приказна за која долго ќе се зборува.