Стигна најновата кампања на модната куќа Miu Miu – и тоа каква!
Есенската колекција за 2025 година го носи името „Мултидимензионална женственост“, а главна ѕвезда е никој друг туку Кајли Џенер – глобална икона на стилот и империјалка во светот на убавината. Оваа соработка веќе ги тресе социјалните мрежи – и тоа со полн резон!
Станува збор за вистински моден пресврт кој спојува две експлозивни сили: од една страна Кајли Џенер, која веќе подолго време сериозно се приближува кон светот на високата мода, а од друга Miu Miu – младешка, бунтовна и неконвенционална „помлада сестра“ на куќата Prada, позната по тоа што постојано ги поместува границите.
Во кампањата доминира сензуална, но силна естетика инспирирана од стилот на долна облека – изглед што на модерен и неустрашлив начин го редефинира поимот женственост. Кајли носи свилени „слип“ фустани, преголеми плетени парчиња, широки машки панталони и смели, впечатливи модни додатоци – броеви, шешири и секако, незаменливите чантите Aventure, кои веќе се препознатлив симбол на Miu Miu.
Целокупната атмосфера на кампањата балансира помеѓу реалноста и сонувачкото: пастелни нијанси на розова, беж, кафеава и бебешко сина се прелеваат низ минималистички амбиент со огледала, кои создаваат речиси театарски ефект, додека објективот на фотографот Ленгус доловува нефилтрирани, сурови моменти – без позирање, без совршенство, туку само карактер и автентичност.
Но оваа модна бајка не е резервирана само за Кајли. Заедно со неа во кадарот се појавуваат и други моќни и автентични жени: Лу Дујон, Рила Фукушима, Това Брд и актерката Мајала – секоја со свој стил, енергија и приказна. Заедно испраќаат силна порака: современата женственост не е еднолична – таа е разновидна, слободна и ослободувачка од сите шаблони.
Во ова ново светло, Кајли Џенер не е само лице на кампањата – таа е нејзиниот симбол. Мајка на две деца, бјути магнат и една од највлијателните жени на нашето време, во оваа кампања покажува дека може да биде сè во исто време: нежна и моќна, гламурозна и природна, разиграна и сериозна.
Miu Miu преку оваа кампања порачува: биди своја. Биди нежна кога сакаш, дивa кога чувствуваш, софистицирана, урбана, хаотична, романтична, кул – сето тоа, во исто време. Бидејќи вистинската мода веќе не бара да одбереш еден стил – туку да ги прославиш сите свои страни.
Кампањата „Мултидимензионална женственост“ не е само визуелен спектакл. Тоа е манифест на новата генерација девојки кои знаат кои се и не се плашат да го покажат тоа. А Кајли? Таа го предводи овој бран – со држење, стил и насмевка што ги брише сите граници.