Знаеме како оди тоа – си тргнала по едно класично бело одело, а излегла си од продавница со розев пердув и папучи на штикла со леопардов дезен. Ни се има случено.
Но ајде да бидеме искрени – летните попусти не се време за импулсивни купувања. Искористи ги паметно и инвестирај во парчиња кои нема да бидат тренд само едно лето, туку темел на твојот стил за многу сезони. Бидејќи кога ќе слушнеш „Каде го најде ова?“, најубав одговор е: „На попуст… пред две години.“
Затоа, запиши си ги овие 5 основни, но супeр шик парчиња кои секоја девојка треба да ги има во својот летен плакар. Модата се менува, но стилот… стилот е вечен!
1. БЕЛА КОШУЛА (НО НЕКА ИМА СТАВ!)
Заборави на досадните, класични кроеви – избери oversize модел, со гол грб, сатенски сјај или да биде како лежерно фустанче-кошула. Летото оди со шорц и сандали, на есен под сако, зимата со чизми. Ако сега е на попуст – без двоумење, во корпа!
2. КВАЛИТЕТНА ТОРБА ОД ПРИРОДНИ МАТЕРИЈАЛИ
Кожна или од цврсто платно, без нападни шари и бои – само чиста елеганција. Идеално: неутрални нијанси, софистициран дизајн и доволно простор за сите твои летни ситници (и за „секоја ситуација“ што ние девојките го носиме). Паметна инвестиција, и парче што изгледа поскапо отколку што е.
3. ЦЕЛОБОДЕН ИЛИ МРЕЖЕСТ КОПАЌ КОЈ ЌЕ ТРАЕ
Заборави на тенките ефтини купаќи кои ќе избледат по третото капење. Вистинскиот луксуз е купаќ што трае! Најдобро: еднобоен модел, во црна, маслинеста, морнарско сина или теракота нијанса. Сега се на -50%, и ќе си дозволиш бренд кој досега ти бил надвор од буџет. Двојна добивка!
4. ЛЕСНИ ЛАНЕНИ ПАНТАЛОНИ ИЛИ ШИРОКИ БЕРМУДИ
Летото не е време за синтетика! Ленот е крал – дозволува кожата да дише, изгледа стилски и секогаш носи тој лежерен француски шмек. Вистински ланени панталони (или бермуди) во беж, сива или боја на слонова коска ќе ги носиш со сè – од краток топ до свилена кошула.
5. НЕУТРАЛНИ КОЖНИ САНДАЛИ ЗА ЦЕЛ ДЕН (И НОЌ)
Ако постои чевел што оди со баш сè – тоа се класични рамни сандали со тенки ремчиња. Во кожа, природна или со бронзен тон, одат од плажа до вечерен излег. А сега се и на -40%! Практични, женствени и секогаш модерни.
Попустите не се само прилика да го наполниш плакарот – туку и можност да го изградиш паметно. Заборави на парчиња што ги носиш само еднаш за фотографија. Одбери она што трае. Бидејќи кога некој ќе ти каже „Вау, ова е прекрасно!“, ти ќе знаеш дека си одиграла паметно.
Летниот стил? Решен.