Заев апелира дека до сабота вечер има простор за меѓупартиски консензус за изборите


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Нема можност за лидерска средба за консензус околу изборниот датум, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев на денешната прес-конференција. Сепак, вели останува време за договор до крајот на оваа сабота кога завршува вонредната состојба.

Заев уште еднаш го посочи 8 јули како датум за кој ги приближиле ставовите со партиите и вели во случај да има конечен договор, би се продолжила вонредната состојба уште три дена, а среда би се прогласил за неработен ден за да се организира гласањето.

„Останува можноста секако до крајот на денот сабота кога завршува вонредната состојба, значи денешниот и утрешниот ден ни стојат на располагање. Колку и да сака некој нешто да менува не може, ниту да свикаме Собрание ниту да го менуваме Уставот ниту законите. Единствена алатка ни останува вонредната состојба. Евентуално продолжување на вонредната состојба би имало за овие три дена заради избори, не заради економски причини. Кога теоретски би се постигнал договор за 8 јули, може да се договориме за понеделник и вторник и за гласање на болни изнемоштени лица“, изјави Заев.

Коментирајќи го растот на заболени од коронавирусот, Заев рече дека трендот може да расте и во иднина и дека пандемијата е состојба која ќе потрае.

„Вчера ја знам последната бројка 175 заболен. Толку заболени може да имаме кога било. И на 5 јули и на 15 јули и на 5 август и на 15 октомври, ама во овој период не смееме да дозволиме да немаме ниту парламент, ниту политичка влада која ќе има доволна одговорност да носи одлуки и за „не дај Боже“, за тешки состојби, пред се економски, но можеби и здравствени. Верувам дека ќе се смогнат сили од сите да учествуваат на изборите затоа што одговорноста кон државата мора да биде за сите на преден план“, рече Заев.

„ОБСЕ се изјасни дека ќе ја испратат мисијата соодветна на корона-кризата којашто постои насекаде. Логично не мора и не треба да очекуваме полна мисија како во нормални околности, но мисија којашто ќе ги заврши своите надлежности за да може мониторниг процесот да биде завршен. Писмото е вчера испратено до ОБСЕ/ОДИХР за поканата да учествуваат на изборите, тие најавија дека им треба период за да се позиционира во државата. Секогаш доаѓаат 2-3 дена пред избори. Очекувам ОБСЕ да ни помогне од соседните земји“, порача Заев.

Заев додаде дека се работи на протоколите и дека лицата во самоизолација кои се позитивни или сомнителни на ковид-19, најверојатно би гласале на денот кога гласаат болните и изнемоштени лица, а ќе апелира дома да бидат посетени и хронично болните лица.