Нафтата во светот „тоне“ – Владата ја покачи акцизата кај нас за 3 денари


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Додека во светски рамки цените на горивата вртоглаво паѓаат заради досега невидениот пад на цената на нафтата, кој во еден момент замина „во минус“, кај нас Владата акцизата на горивата ја зголеми за 3 денари.

На овој начин државата ќе го полни буџетот за да се справи со Корона кризата. Од Владата велат дека кога цените на горивата ќе почнат да се качуваат така постепено ќе паѓа и цената на акцизата.

Претходно на овој предлог жестоко реагираше бизнис заедницата според кои оваа мерка ќе удри по џебот на граѓаните, а земјава ќе биде единствена во светот која качува акциза за да се справи со корона кризата. Претседателот на РКЕ, Марко Бислимовски пак вели дека тоа нема да влијае негативно, бидејќи цените на горивата кај нас се најефтини во регионот.

„Доколку се зголеми акцизата се уште ќе имаме најефтина нафта и бензин во регионот, а со тоа и во Европа. Инаку како РКЕ ние поддржавме изедначување на акцизата за екстра лесното гориво со акцизата за дизелот бидејќи имаме сознанија и врз основа на податоците што ги добиваме, дека особено во делот на транспортот екстра лесното гориво се злоупотребува.“вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Инаку за прв пат во историјата, вчера американската нафта падна под нулата. Во еден период од тргувањето цената отиде и минус 38 долари за барел. Тој историски пад кај нас сега нема да смени многу, вели Бислимовски. Но, во следниот период можно е да има некакво влијание.

„Ние ги земаме податоците од берзи во Европа. Тоа што се случи во САД нема влијание на цените на нафтени деривати, не само во нашата земја, туку и во останатите европски држави. Понатака во текот на оваа недела, ќе видиме како ќе влијае тоа. Сигурно ќе има влијание, но тргувањата на берзите во САД во текот на вчерашниот ден не беа поврзани со тргувањата на берзите во Европа.“вели Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.

Потрошувачката на горивата кај нас, само за месец март паднала за 40%. Бислимовски очекува бројките за април да бидат уште подрастични.