Home Актуелно Почина македонската поетеса Лилјана Дирјан

Почина македонската поетеса Лилјана Дирјан

Денес на 64-годишна возраст во Скопје почина поетесата и новинарка Лилјана Дирјан, пренесува на својот официјален сајт Министерството за култура на Република Македонија.

Дирјан е родена во Скопје. Дипломирала на Филолошкиот факултет на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје. Била на студиски престој во Париз како стипендист на француската влада и Фондацијата Губелкијан. За своето творештво е наградена со признанијата „Студенстки збор“ и „Браќа Миладиновци“.

Поезијата на Дирјан е преведувана на повеќе јазици и застапена е во антологиите на македонската современа поезија. Долги години Лилјана Дирјан беше главен уредник на списанието „Жена“, а беше и една од основачите на Друштвото на независни писатели на Македонија. Позначајни збирки поезија се „Природна појава“, „Жива мера“, „Пелин поле“, „Тешка свила“, „Приватни светови“, што беше и македонскиот претставник за наградата „Балканика“ во 2008 година, „Саѓе врз снегот“. Лилјана Дирјан ќе остане запаметена како голем соработник за литературното поврзување на регионот и како една од основачите и уредниците на познатото списание „Саревски тетратки“.

По повод смртта на истакнатата македонска поетеса и новинарка, Министерството за култура испрати телеграма со сочувство до семејството.

„Лиле не беше само истакната писателка која се разликуваше од останатите поети по својата автентичност, лиричност, по својата ерудиција и широки погледи кон светот, туку беше и жена борец која правдољубиво ги брани своите ставови во литературата и во животот, што го покажа и со активностите како еден од основоположниците на Независните писатели на Македонија. Во истовреме Дирјан беше комплетно креативна личност и надвор од литературата и новинарството која на различни начини го разубавуваше секојдневното постоење на сите околу неа. Дозволете од име на министерот за култура Роберт Алаѓозовски и од името на Министерството за култура да изразиме длабоко сочувство за вашата лична загуба, но да ја споделиме тагата што целата културна јавност ја доживува со загубата на големата македонска поетеса и новинарка“, се вели во телеграмата на Министерството за култура.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…