Home Актуелно Со новата стратегија од МОН до 2025 треба да имаме екстра образовен систем

Со новата стратегија од МОН до 2025 треба да имаме екстра образовен систем

Со обемна стратегија и акциски план што ги сработи Министерството за образование, со голема помош од Европската Унија, се очекува дека до 2025 година ќе се надминат многу горливи проблеми во образованието. Нацрт-документот вчера ресорното министерство го сподели со јавноста, допрва треба да помине низ јавна расправа, а Владата да го усвои. Во изготвувањето на стратегијата за образование (2018-2025) учествувале повеќе од 650 лица – јавни, образовни институции, стручни лица и чинители на полето на образованието. Стратегијата е сеопфатен документ и архива на многу важни податоци за образованието во сите нивоа – од претшколско до високо.

Стратегијата ќе биде насочена главно кон подобрување на: содржината на образованието и нејзината релевантност за развојните приоритети на македонското општество и за потребите на пазарот на трудот, како и за прифаќањето на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција, инфраструктурата на образовниот систем, вклучително градбите, опремата, наставните и асистивните технологии; капацитетите на човечките ресурси, вклучувајќи ги раководните лица, кадарот и стручните служби; квалитетот и делотворноста на образовниот процес; законодавството, управувањето и финансирањето.

Сите нивоа на образование се соочуваат со големи предизвици. Ги издвојуваме поважните во секој степен на образованието.

Претшколско образование

Предлог-стратегијата вели дека опфатеноста на децата во претшколското образование не е задоволителна и системот има ограничени можности за опфаќање на децата со посебни образовни потреби.

– Условите за учење во предучилишните установи се незадоволителни; неконзистентно се спроведуваат нормативите и стандардите во предучилишните установи; речиси воопшто не се користи ИКТ во предучилишните установи.

– Постојните стандарди за рано учење и развој на децата треба да се ревидираат; контролата на квалитетот не функционира; не се спроведува интегрирано мултикултурно воспитување и образование на децата на предучилишна возраст; слаба е соработката со останатите нивоа на образованието, а особено со високото образование.

– Системот страда поради недоволен број на кадар во предучилишните установи, што е придружено со недоволно јасно дефинирани компетенции и стандарди за директорите, воспитувачите, негувателите и стручните служби на градинките.

– Раководењето и управувањето со предучилишните установи се неефикасни, се преклопуваат одговорностите на разни структури кои се одговорни за предучилишниот образовен систем, т.е. МОН, МТСП и Министерството за локална самоуправа (МЛС); слаба е соработката со родителите, заедниците и бизнис-секторот.

Основно образование

– Недостигаат стандарди кои би требало да ги дефинираат резултатите од учење во секој циклус на основното образование, наставниот план е преоптоварен, а наставните програми не се доволно релевантни за локалната средина. Во повеќето училишта недоволно или несоодветно се предава Образование за животни вештини (ОЖВ), а претприемачките вештини се на ниско ниво, и кај учениците и кај наставниците.

– Во повеќејазичните училишта учениците се раздвоени според јазикот на кој се одвива наставата (работат во различни смени, објекти, катови, различна администрација итн.) поради што немаат доволно можности за интеракција, недоволно е застапено мултикултурно/интеркултурно образование во наставните и воннаставните активности, како и во некои од учебниците.

– Мерките за надминување на поделбата по етнички линии во училиштата не се доволни и сегрегацијата во училиштата влијае врз општествената кохезија и интеретничка интеграција.

– Децата со посебни образовни потреби не се доволно вклучени во редовното основно образование. Нивното вклучување во редовните училишта не е доволно уредено и не се воведени соодветни механизми за тоа. Освен тоа, постојат предрасуди кон овие деца кај родителите, наставниците и учениците. Исто така, наставниците не поседуваат доволно компетенции за работа со оваа категорија ученици.

– Недостигаат и соодветни системски решенија за идентификација и работење со талентирани ученици.

– Малолетниците сместени во воспитно-поправните домови се исклучени од системот на основното образование, поради што и нивната интеграција во општеството е попречена.

– Нема доволно дидактички материјали и дидактички ресурси за наставата да се одржува на сите наставни јазици (во тој опфат спаѓаат и асистивни технологии за ученици со посебни образовни потреби), специјализираните кабинети по одредени предмети не се целосно снабдени со наставни помагала.

– Дел од одделенијата имаат преголем број на ученици, а во некои општини не е усвоена регионализацијата. Ова дополнително се усложнува и со непочитувањето на правилата за безбедна и сигурна училишна средина во повеќе училишта.

Средно образование

– Наставните планови се преоптоварени и сè уште постојат наставни програми што се застарени и не овозможуваат континуитет на когнитивниот и социо-емоционалниот развој на учениците, не ги поддржуваат модерните пристапи за одржување на наставата и не ги отсликуваат актуелните социјални процеси.

– Дел од учебниците се застарени и содржат стереотипи, предрасуди, стигматизација и во нив недостигаат елементи на коегзистенција, почитување на различностите, интеграција, мултикултурализам, што е дополнително комплицирано со демотивирачкото законодавство за изработка и ревидирање на учебници.

– Мултикултурното/интеркултурното образование не е отсликано во наставните или воннаставните активности. Постојат бариери што ја попречуваат интеграцијата на учениците кои учат на јазик поинаков од нивниот мајчин јазик; учениците кои учат на различен јазик во училишта во кои наставата се одржува на повеќе јазици најчесто се одделени во смени, згради, катови, па дури и со засебна училишна администрација.

– Дисперзијата на средните училишта е несоодветна (со особено слаба пристапност до училиштата во регионите) што e придружено со преголем број ученици (до 40 во паралелка) во некои училишта.

– Физичкиот (објектите, опремата за вежбање и останатата опрема) и дидактичко-методолошкиот пристап е многу слаб во повеќето средни училишта; условите за инклузија на учениците со посебни образовни потреби се исклучително ограничени.

– Наставниците не добиваат соодветна практична подготовка за време на иницијалната обука или практиканството; нема доволно професионализам и политичка неутралност кај директорите на училиштата; стручните служби се недоволно екипирани според потребите на училиштата (на пр., според бројот на учениците, јазикот на кој се одржува наставата); последниот фактор доведува до низок квалитет или барем до ограничен опсег на такви услуги, како што се кариерното советување или насочувањето на надарените и талентираните ученици.

Стручно образование

– Стручното образование и понатаму не привлекува доволен број ученици (освен одредени струки во областите на здравството, економијата и правото) и сè уште не е воспоставен современ систем на постсредно образование;

– Се забележува несовпаѓање меѓу понудата на кадри од системот за стручно образование и обука и побарувачката на пазарот на работна сила; системот за воведување нови квалификации во стручното образование и обука е нефлексибилен и неделотворен, а соработката со бизнис-секторот за конкретна практична обука на учениците и учење во работна средина е неефикасна.

– Се забележуваат значителни недостатоци во знаењата на наставниците за современите технологии поврзани со наставните предмети, а таа состојба дополнително ја усложнуваат и ниската мотивираност на наставниците и недоволно развиениот систем за стручно усовршување и напредување во кариерата; особено од тие причини преовладува традиционалниот приод кон водењето на образовниот процес.

Високо образование

– Недоволниот квалитет на високото образование е проследен со нецелосно функционален систем за акредитација и евалуација на универзитети; студиските и предметните програми не одговараат на потребите на пазарот на трудот; сè уште се појавуваат феномени како што е плагијаторството во пишаните дела на студентите и професорите; системот за практична обука на студентите е несоодветен.

– Високото образование не обезбедува систем за редовна контрола на квалитетот.

– Високообразовниот систем има премногу регулативи, што се одразува врз автономијата на универзитетите. Истовремено, раководењето на универзитетите/ факултетите не е доволно партиципативно и учеството на студентите во управувањето на универзитетите сè уште е номинално.

– Побарувањата (критериумите) за упис во универзитетите сè уште се ниски, но пристапот до високото образование за различни ранливи групи е ограничен, дури и нема доволно информации за можностите за нивно вклучување на универзитетите.

– Се продолжува со експанзија на студиските програми без соодветна анализа на потребите на пазарот на трудот и на капацитетите за нивна реализација.

– Недоволни компетенции на наставниот кадар на универзитетите, што е дополнително отежнато поради недоволните можности за професионална надградба, развој и мобилност на академските кариери; на универзитетите недостига млад кадар поради слаба мотивираност и недоволно отворени работни позиции; висок е соодносот студент/наставник.

– Во различни сфери на високото образование постојат проблеми како што се: тешкотии со издавање додаток на диплома, недоволно можности за учење на далечина поради нецелосна законска рамка и слаб развој на онлајн-платформи за учење, недефинирани критериуми за финансирање на високото образование, реално отсуство на трипартитна соработка помеѓу државата, академијата и бизнис-заедницата.

– Финансирањето на истражувањето останува на незадоволително ниво, што значително придонесува за несоодветната инфраструктура на научноистражувачките центри при универзитетите; приоритетните тематски области на истражување не се реформирани; пристапот до глобални научни податоци е ограничен;

Стратегијата го опфаќа и неформалното образование на возрасните.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Актуелно
Comments are closed.

Check Also

Онлајн игри кои ќе сакате да ги играте повторно

Во последните десет години, играњето онлајн игри прерасна од обична забава во културен фен…