48 косовски гранични полицајци уапсени во антикорупциска акција

Во антикорупциска полициска акција на Полицискиот инспекторат на Косово (ИПК), денеска во утринските часови уапсени беа сите припадници на косовската полиција од две смени на граничните премини Ќафе Пруш и Ќафе Морине на границата со Албанија, објави порталот „Национале“.

Според приштинскиот медиум, вкупно во денешната операција на ИПК се уапсени 48 полицајци, меѓу кои и лица на повисоки позиции, како и двајца цариници.

Главниот обвинител на Специјалното обвинителство на Косово, Блерим Исуфај, во изјава за „Национале“, ја потврди информацијата дека има уапсени во акцијата на ИПК, без да наведе бројка. Исуфај исто така информира дека акцијата продолжува.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, претходно ИПК соопшти дека утрово спровел обемна операција, на која ѝ претходела речиси едногодишна истрага против полициски службеници осомничени за кривичните дела „земање поткуп“ и „злоупотреба на службената должност“. Во операцијата биле вклучени Специјалното обвинителство на Република Косово и други надлежни агенции.

– ИПК ќе продолжи посветено да презема дејствија кои имаат за цел јакнење на полицискиот интегритет, се вели во соопштението, во кое се најавува дека детали за текот и резултатите на операцијата ќе бидат објавени подоцна во текот на денот.