4 милиони долари казна за теоретичарот на заговори Алекс Џоунс за спинот кој го пласираше за масакрот во училиштето „Сенди Хук“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Судската порота во американскиот град Остин во Тексас, во судската постапка која се водеше против популарниот теоретичар на заговори Алекс Џоунс на обвинетиот му одреди парична казна од над 4 милиони долари како обештетување за родителите на 6-годишно момче убиено во масакрот од 2012 година во училиштето „Сенди Хук“ во Њутаун, Конектикат, јави АП.

Нил Хеслин и Скарлет Луис, таткото и мајката на Џеси Луис, кој заедно со 19 други ученици и шестмина учители, загинаа во нападот на училиштето во 2012 година, побараа отштета од 150 милиони долари поради нарушување на угледот и намерно нанесување емоционални повреди, но поротата одреди само 4 милиони, пренесува Мета.

Алекс Џоунс долго време во своите емисии на „Инфоворс“ (Infowars) и настапи тврди дека масакрот во „Сенди Хук“, еден од најсмртоносните училишни инциденти во историјата на САД, е инсцениран за да се воведат построги мерки за поседувањето и носењето оружје. Џоунс вели дека сцените се изрежирани и всушност немало масакр.

Ова е првпат основачот на „Инфоворс“, онлајн медиум познат по ширењето дезинформации и теории на заговор, како и самиот медиум, да добијат парична казна за негирањето на масакрот во „Сенди Хук“.

На судењето, адвокатот на Џоунс, кој не се појави во судница, побарал поротата да одреди отштета од само 8 долари – по еден долар за секоја точка од обвинението, а самиот Џоунс рекол дека отштета над 2 милиона долари „ќе нè потопи“, извести АП.

Претходно, во речиси идентичен судски случај покренат од семејствата на други жртви во масакрот и од агент на ФБИ што работел на случајот, судија во Конектикат исто така го прогласи Џоунс за виновен.