Со 3D спектакл на култните „Крафтверк“ утре започнува 20-то издание на „ТАКСИРАТ“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Фестивалот Таксират годинава го прославува својот голем јубилеј и со богата концертна програма во текот на целата година го одбележува своето 20-то издание.

Првиот во низата ексклузивни настани на Таксират е утрешниот (27.февруари) концерт на германските пионери на електронската музика, легендарните Крафтверк во Вип Арена „Борис Трајковски“.

Крафтверк гостуваат во Скопје по 13 години од нивниот прв настап кај нас, кој сѐ уште важи за еден од најдобрите концерти кои било кога се одржале во Македонија, а овојпат ексклузивноста на нивното гостување е збогатена и со спектакуларното 3-Д визуелно шоу кое е дел од нивните концерти на исклучително успешната актуелна турнеја! За таа цел, секој од посетителите, при влезот на концертот ќе добие и брендирани 3-Д очила.

Крафтверк доаѓаат во Скопје со огромен тим кој ќе се погрижи овој концерт да биде доведен до перфекција и кој работи на комплетната техничка и продукциска реализација на секој од концертите во нивната турнеја.

Вратите на арената ќе бидат отворени за посетителите од 19:00 часот, а почетокот на концертот е точно во 20:30 часот. Поради големиот број на посетители и со цел да се избегнат гужвите, за време на концертот во арената „Борис Трајковски“ во функција ќе бидат повеќе влезови: главен влез (југ), ВИП влез (запад – од страна на лизгалиштето) и страничен влез (исток – од страна на базенот).

Од Пасворд продукција кои се организатори на настанот известуваат дека сите оние кои своите билети ги купиле онлајн треба да ги испечатат електронските ваучери кои ќе треба да ги приложат при влез на концертот заедно со документ за лична идентификација.

Оние онлајн купувачи пак кои преферираат да имаат класичен билет за нивните колекционерски потреби, ќе можат да ја направат оваа замена веднаш по завршувањето на концертот, на билетарницата во арената „Борис Трајковски“.

При влегувањето на концерт сите посетители ќе се претресуваат за проверка на предметите кои тие ги внесуваат. Во концертната сала, покрај храна и пијалоци како и вообичаено забранетите предмети, не смее да се внесува професионална и полупрофесионална аудио и видео опрема за снимање и пренос на концертот, што вклучува камери и фотоапарати со кои може да се користи објектив.

Сите заинтересирани посетители кои сѐ уште не ги набавиле своите влезници за концертот, известуваат од Пасворд Продукција, фан-пит и партер билетите се целосно распродадени, а преостанатите билети за трибините, можете да ги купите преку продажната мрежа на МКтикетс.