11-милионската метропола Вухан поради корона-вирусот е претворен во град на духови


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


11-милионската кинеска метропола Вухан, поради карантинскиот режим како превенција од корона-вирусот, е претворен во забранета зона и е станат буквално град на духови.

Не возат автобуси, нема трамваи, а запрен е и авионскиот сообраќај. На приодните патишта има блокади. Милиони луѓе се заглавени во градот, не смеат да излезат од него. Најдбро би било воопшто и да не излегуваат од своите домови, а и кога мораат – тоа да го прават со заштитни маски. Во спротивно се закануваат казни. Драстичните мерки би требало да спречат натамошно ширење на белодробното заболување, пренесува Дојче Веле.

Улиците се празни. Пазарите и трговските центри исто така. Изолацијата е мерка каква што досега не е преземена. „Ова е првпат во поновата историја“, вели Јонас Шмит-Ханазит од институтот „Бернард Нохт“. Слично нешто не ѝ е познато досега ниту на Светската здравствена организација, изјави нејзин портпарол.

Вухан наликува на град на духови – сценарио како од научнофантастичен филм кое во Вухан наеднаш стана реалност. Во болниците има наплив од пациенти со треска и заболувања на дишните патишта. Прашањето кое што очајно се поставува е – што од тоа е нормална настинка, или сезонски грип, а што ново белодробно заболување? Лекарите и медицинските сестри, маскирани во бела заштитна облека, се префорсирани. Тие мора дома да враќаат пациенти затоа што немаат доволно кревети.

„Состојбата е многу опасна“, вели Ву Чао, менаџер на ланец за безалкохолни пијалоци кој е многу загрижен. „Еден пријател кој работи во болница ми се јави вчеравечер и ми советуваше брзо да го напуштам градот, затоа што ќе стане навистина многу сериозно.“ Од пријателот добил предупредување дека болеста дури сега навистина ќе се шири. „Вработените во болниците веќе не постигнуваат.“

Градската управа прво премолчувала информации, сѐ до моментот кога тоа станало веќе невозможно, уверен е менаџерот. Болниците на почетокот на инфекцијата одбивале болни со кашлица и висока температура. „Ако пациентот можел уште да се движи, не бил приман или изолиран. Едноставно бил праќан дома за да се одмора“, нагласува Ву Чао. Денес во болниците владее страв. „Сега е многу сериозно.“