Најпотценетиот дел од зеленчукот што крие сериозни бенефити!
Ретко размислуваме дека различни делови од истата намирница имаат различен нутритивен состав, а брокулата е совршен пример за тоа. Додека цветчињата редовно завршуваат во чинијата, стебленцата – неправедно – завршуваат во канта. Тоа, најблаго речено, е голема грешка.
Брокулата е вистинска мала нутритивна бомба, но нејзиниот „скриен адут“ се наоѓа токму таму каде што најмалку очекуваме – во цврстите зелени стебленца. И тие се јадат, полни се со хранливи материи, се повеќенаменски и изненадувачки вкусни кога правилно ќе се подготват. Може да се варат, печат, јадат сирови или да се додаваат во јадења како суптилен додаток на текстура и вкус.
ЗОШТО СТЕБЛЕНЦАТА ОД БРОКУЛА ЗАСЛУЖУВААТ МЕСТО ВО КУЈНАТА?
БОГАТИ СЕ СО ВЛАКНА – ДУРИ ПОВЕЌЕ ОД ЦВЕТЧИЊАТА
Брокулата се состои од цветчиња и стебленца, но повеќето луѓе консумираат само првиот дел. Меѓутоа, токму стебленцата содржат поголема количина влакна, особено нерастворливи, кои се клучни за здравјето на дигестивниот систем. Овој тип влакна помага за правилното функционирање на цревата, го поддржува здравиот микробиом и има бројни позитивни ефекти врз целиот организам.
Причината е едноставна: стебленцата се „носечката структура“ на растението, задолжена за стабилност, па затоа имаат нешто поинаков нутритивен профил.
ПОГОЛЕМО ПРИСУСТВО НА КАЛИУМ И КАЛЦИУМ
Во споредба со цветчињата, стебленцата од брокула содржат повеќе калиум и калциум – минерали кои се од исклучителна важност за здравјето на коските, мускулите и нервниот систем. Од друга страна, цветчињата се побогати со витамин Ц, витамин К, фолна киселина и заштитни фитонутриенти.
КАКО ДА ГИ ПОДГОТВИТЕ СТЕБЛЕНЦАТА ОД БРОКУЛА (ТАМАН ДА СЕ МЕКИ И ВКУСНИ)
Ако ви изгледаат премногу тврди, доволно е да го отстраните надворешниот, влакнест слој. Тоа овозможува помека текстура при термичка обработка. По тоа, стебленцата се навистина благодарни за готвење:
- може да се додадат во супи и чорби
- совршени се сирови, ситно исечкани во салати за дополнителна крцкавост
- идеални се за печење во рерна, кога добиваат благ оревест вкус
Еден од омилените начини на подготовка во модерната кујна е печењето: сечени на мали коцки, измешани со маслиново масло, сол и бибер, па печени додека не омекнат и не добијат златеста боја. Завршни додатоци како лимонов сок, лук и пармезан ги претвораат во прилог кој одлично се вклопува со риба, мешунки или тестенини.
Во ерата на свесна исхрана, zero-waste филозофија и паметно готвење, стебленцата од брокула не се отпад – туку мал, зелен луксуз кој чека да биде откриен.