Земјата го забрза своето вртење


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Нашиот космички дом, планетата Земја се врти побрзо, и тоа си има причина. На површината има континенти кои се движат, океани кои растат и чие ниво се зголемува и глечери кои исчезнуваат.

Најкраткиот ден на Земјата од 1960-тите беше 29 јули оваа година. Ова може да доведе до проблеми со софтверот кој го мери и се ослонува на точното време, кое е сеприсутно.

Земјата неодамна заврши целосна ротација побрзо од кога било откако се прават такви мерења. Поради тоа што полноќта дојде 1,59 милисекунди порано од вообичаеното, по прв пат во историјата часовниците ширум светот можеби ќе треба да се придвижат напред .

Петок, 29 јули во 2022 година, беше најкраткиот ден на Земјата од 60-тите години на минатиот век, кога научниците почнаа да ја мерат ротацијата на нашата матична планета со помош на многу прецизни атомски часовници, пишува „tportal“.

Општо земено, Земјата ротира околу својата оска еднаш на секои 24 часа. Таа ротација сочинува еден ден, чии циклуси се изгрејсонцето и зајдисонцето кои што ги обликувале обрасците на животот со милијарди години.

Во последните неколку години беа срушени неколку рекорди кога станува збор за брзината на ротацијата на Земјата.

Во текот на 2020 година, Земјата забележа 28 од најкратките денови во последните 50 години. Најкраткиот меѓу нив беше на 19 јули истата година, кој намали 1,47 милисекунди од 86.400 секунди во еден ден.

Сепак, на 26 јули годинава скратувањето се искачи на 1,5 милисекунди.

Во споредба со раниот период од својата историја, Земјата моментално се врти побавно од порано. Пред 1,4 милијарди години, денот траел нешто пократко од 19 часа. Оттогаш деновите стануваат подолги, за околу 74 илјадити делови од секундата секоја година. За ова главно била одговорна Месечината, чија гравитација постепено ја намалува брзината на ротација.

Иако Земјата долгорочно забавува, сликата на краток рок не е толку јасна.

Имено, има многу работи кои влијаат на брзината на ротацијата на Земјата. Земјата во средината има вжештено течно јадро. На површината има континенти кои се движат, океани кои растат и глечери кои исчезнуваат. Целата планета е обвиткана во тенок слој на гасови и е климатизирана додека се врти околу својата оска.

Дури и посилните ветрови од периодот на Ел Нињо можат да ја забават ротацијата за дел од милисекунда, додека земјотресите можат да ја забрзаат.

Со цел да се одржуваат светските часовници синхронизирани, Меѓународната телекомуникациска унија (специјализирана агенција на Обединетите нации) воведе дополнување од една секунда понекогаш во месеците јуни и декември.

За ова е задолжена Меѓународната служба за ротација и референтни системи на Земјата, која мора да ги информира светските влади за можното додавање или одземање на една секунда, шест месеци пред да го стори тоа.

Досега се додадени вкупно 27 вакви престапни секунди. Првиот пат тоа го направија во 1972 година, а последен пат беше неопходно во 2016 година.

Следната можност ќе биде во декември оваа година, но се чини дека забрзаната ротација на Земјата сама по себе ќе го реши тој проблем.