Здолништето под колена повторно зазема важно место во есенските модни трендови, благодарение на тоа што успешно ги спојува елеганцијата и современиот стил. Неговата должина го прави одличен избор за преодниот период, а начинот на кој го стилизираме остава доволно простор за личен печат. Наместо да биде строго деловно парче, оваа есен го носиме поопуштено, со интересни контрасти и комбинации што му даваат сосема нова димензија. Со неколку внимателно избрани парчиња, здолништето под колена лесно станува основа на аутфит што изгледа модерно, без да бара премногу труд.

Здолништето под колена како клучно парче во есенската гардероба
Една од главните причини зошто здолништето под колена е во тренд оваа есен е неговата прилагодливост. Може да изгледа минималистички и елегантно, но и лежерно и урбано, во зависност од кројот, материјалот и остатокот од комбинацијата. Токму оваа способност лесно да се вклопи во различни стилови го прави парче што вреди да го имате во гардеробата, особено во сезоната кога слоевитото облекување доаѓа до израз.
Оваа сезона особено се издвојуваат кожени модели, здолништа од твид, карирани дезени и силуети што ја следат линијата на телото, додека едноставните здолништа во неутрални нијанси остануваат сигурна основа на гардеробата. Ако дури сега планирате да вложите во вакво парче, црно, кафеаво или сиво здолниште до под колена може да биде одлична основа, а со промена на обувките и горниот дел лесно ќе послужи за различни комбинации и пригоди.


Како да го носите оваа есен?
Еден од најлесните начини да го вклопите здолништето под колена во деловни комбинации е да го носите со oversized сако. Под сакото можете да облечете едноставна бела маица или тенка ролка, а мокасините или чизмите со потпетица ќе го заокружат целиот изглед. За дополнителна доза елеганција, додајте ремен што ќе го нагласи струкот.
Ако повеќе сакате удобни аутфити, здолништето под колена можете да го комбинирате со џемпер. Плетените модели особено добро се вклопуваат со кожени или сатенски здолништа, бидејќи контрастот на материјалите ја прави комбинацијата визуелно побогата. Со ова, чизми до колена или глуждарки ќе бидат практичен избор за постудените денови што доаѓаат.


За нешто поурбан изглед, одличен избор е кожено здолниште под колена. Црниот модел лесно се комбинира со бела маица и кожна јакна, додека темнокафеавите, бордо и маслинестозелените нијанси внесуваат интересна промена во вообичаената есенска палета. Со мокасини или рамни чизми, оваа комбинација добива полежерен карактер и покажува дека коженото здолниште не мора да биде резервирано само за вечерни излегувања или поформални пригоди.
Здолништето под колена можете да го комбинирате и со чизми до колена. Оваа комбинација делува складно и елегантно, особено кога рабoт на здолништето паѓа преку горниот дел од чизмите. Ако сакате аутфитот да изгледа поинтересно, изберете модел со шлиц или А-крој, а остатокот од комбинацијата дополнете го со едноставна ролка и покуса јакна.
Извор: Lepota i Zdravlje