Заев со реакција до БАН: Ние сме Македонци, зборуваме македонски јазик


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Македонскиот премиер Зоран Заев со реакција после изнесениот став на Бугарската академија на науки за непризнавањето на македонскиот јазик од нивна страна. Тој е убеден дека брзо ќе се надминат разликите меѓу Македонија и Бугарија.

„Ние сме Македонци кои зборуваме македонски јазик, барем најголемиот дел од граѓаните, секако ние сме мултиетничка земја. Ова прашање очекувам од пријателска Бугарија да го надмине, да го реши во делокругот на решавање на оние проблематики каде што се составен дел од договорот, односно на решавањето на проблемите како што е Гоце Делчев и другите прашања, како проблематики кои се решаваат“, рече Заев.

Претседателот на МАНУ во заминување, Таки Фити денеска возврати дека ќе се консултира со лингвистите за да излезат со став.

„Тука е инволвирање на бугарската политиката, што не е во ред. Нема да ги расипеме односите. Ќе седнеме да разговараме ние сме се договориле. Нема прашање за кое ние не можеме да дискутираме, дури и најсензитивните“, вели Фити.

Институтот за македонски јазик преку соопштение попладнево реагираше за ставот на бугарските академици, порачувајќи им да афирмираат наука и култура за градење пријателство.

„Со ваквата изјава се негира постоењето на македонскиот јазик, литература, историја и култура и со тоа се врши негирање на македонскиот национален идентитет. Постоењето на македонскиот јазик со свој посебен дијалектен систем и со своја историја е апсолвирано прашање во светски рамки уште одамна и секој став што го негира овој непобитен факт го сметаме за свесна провокација“, реагираа од Институтот за македонски јазик.