Забрането славење Нова Година во казина и обложувалници


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Иако обложувалниците и казината ќе работат и после 18 часот, министерот Крешник Бектеши денес апелираше дека категорично е забранет дочек на новогодишната ноќ и организирани прослави во овие и други објекти за игри на среќа.

Бектеши објасни дека казината и обложувалниците ќе можат да работат 24 часа, но дека кафулињата, рестораните и гостилниците ќе мора да затвораат во 18 часот. Сепак, додаде тој, и покрај тоа што казината не се ограничени со работното време, таму нема да биде дозволено да се служат пијалаци и храна по 18 часот.

„Не го знам бројот на казината, обложувалниците и автомат-клубовите кои даваат и угостителски услуги, но правилото важи секаде каде што се служи храна и пијалаци и таму треба да се почитуваат мерките“ – рече тој.

Владата синоќа донесе измени и дополнувања на Одлуката за превентивни препораки, времени мерки, наредени мерки, наменски протоколи, планови и алгоритми за постапување за заштита од пандемијата со ковид-19, според кои се ограничува работата на угостителските објекти наместо до 21 часот да биде до 18 часот, освен за угостителските објекти кои остваруваат продажба на алтернативен начин (онлајн нарачки, телефонски нарачки и слично) и да вршат достава или да овозможат самостојно подигнување на нарачката надвор од угостителскиот објект.