Актуелно

Вооружен напад во иранскиот парламент, има повредени лица

Во нападот што се случи во иранскиот парламент во Техеран, повредено е најмалку едно лице. Има различни тврдења за напаѓачите и повредените.

BBC пренесува дека се работи за најмалку еден вооружен маж кој отворил оган во Парламентот и дека е ранет член од обезбедувањето на парламентот. Државните ирански медиуми наведуваат дека се повредени најмалку три лица.

Раша Тудеј повикувајќи се на извештаи на иранската агенција Фарс, пренесува дека до инцидентот дошло кога вооружено лице отворило оган врз обезбедувањето на иранскиот парламент. Ранет е еден припадник на обезбедувањето и двајца цивили. Напаѓачот потоа побегнал, но набргу потоа е уапсен, рече Акбар Ранбарзадех, висок функционер на иранскиот Парламент.

Меѓутоа, Елахаз Хазарати, исто така член на парламентот, за иранската новинска агенција изјави дека имало најмалку три вооружени лица кои носеле два „калашникова“ и пиштол.

Агенцијата Фарс ги цитираше изјавите на некои пратеници кои тврдат дека пукање сѐ уште се слуша. Оваа информација не е потврдена. Еден сведок за Ројтерс изјави дека „инцидентот е завршен“, но сѐ уште не е потврдено.

Исто така, постојат извештаи дека престрелка се случила и во мавзолејот на поранешниот врховен верски лидер ајатолахот Хомеини.

To Top