Водство на Ердоган на изборите во Турција според првичните изборни резултати


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Според 27,9 отсто од обработените гласови, актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган е во водство со 53,92 отсто од освоените гласови, а по него е кандидатот на опозицијата Кемал Киличдароглу со 40,11 отсто од освоените гласови.

Според првите неофицијални и нецелосни резултати од изборите, третиот кандидат Синан Оган освоил 5,41 отсто од гласовите.

Мухарем Инџе, кој се повлече од кандидатурата, моментално има помалку од еден процент од гласовите.

Во трката за турскиот парламент моментално во водство е Народната алијанса, предводена од Партијата на правдата и развојот.

Избирачките места ширум Турција се затворија во 17 часот по локално време, со што заврши гласањето за претседателските и парламентарните избори.

Граѓаните гласаа на претседателските и на парламентарните избори, избирајќи меѓу тројца претседателски кандидати, 24 политички партии и 151 независен кандидат за парламентот, кој има вкупно 600 пратенички места.

Право на глас на изборите имаат 64,11 милиони луѓе, а првпат гласале над 4,9 милиони турски граѓани.

Сегашниот претседател Ердоган, Кемал Киличдароглу и Синан Оган, според редоследот на гласачкото ливче, се кандидати за претседател на Турција.

Избирачките места и претходно беа отворени надвор од Турција, во 75 држави и 156 претставништва на оваа земја.

Гласањето на граничните премини почна на 27 април, а во дипломатските претставништва на 5 мај и траеше до 9 мај според претходно утврдениот распоред.

Повеќе од 3,41 милиони граѓани се регистрирани за гласање од странство.