
Ништо не оди подобро со попладневно кафе од вкусни мафини со овошје.
Со доаѓањето на летото и изобилието од овошје што ни го нуди природата, вистинска штета би било да не подготвиме сладок десерт за целото семејство. Доколку сте во потрага по нов рецепт за овошни мафини, не пропуштајте го совршенството што денес ви го претставуваме. Комбинацијата од сочен бисквит, јагоди и шлаг нема да ве остави рамнодушни.
Потребни состојки – за 12 мафини:
За мафините:
– 1 шолја ситно сечкани јагоди
– 1/4 шолја кафеав шеќер
– 3 јајца
– 1 шолја шеќер
– 1 лажичка екстракт од ванила
– 1 и пол шолја брашно
– 1 и пол лажичка прашок за печиво
– 1/2 лажичка сол
– 1 шолја павлака за готвење
За филот:
– 1 и пол шолја павлака за готвење
– 1/3 шолја шеќер во прав
– 6 јагоди
Подготовка:
Загрејте ја рерната на 180 степени. Ставете капсули за мафини во калапот и оставете ги на страна. Во еден сад од средна големина измешајте ги јагодите со кафеавиот шеќер и оставете ги да отстојат неколку минути. Во друг сад изматете ги јајцата со белиот шеќер. Додајте го брашното, прашокот за печиво и солта, и мешајте додека не се соединат сите состојки. Потоа, додадете ја павлаката и мешајте сè додека не добиете мазна смеса.
Со смесата наполнете ги капсулите до 2/3 од висината. Со лажица ставете од јагодите во средината, па внимателно додајте уште малку од тестото одозгора. Продолжете го процесот додека не ги потрошите сите состојки. Печете ги мафините во претходно загреаната рерна околу 15 минути или додека не добијат златно кафеава боја. Оставете ги целосно да се изладат.
За филот, изматете ја павлаката со шеќерот во прав додека не стане цврст шлаг. На секој мафин ставете по две лажици фил и по половина јагода одозгора.