Немате време за еден час во теретана? Не сте сами.
Токму поради забрзаниот ритам на животот, нов тренд во фитнесот – т.н. exercise snacking – е осмислен за оние кои сакаат да останат активни, без тоа да им одземе премногу време.
Суштината е едноставна: станува збор за кратки, фокусирани вежби кои можете да ги вметнете секаде во текот на денот – од 20 секунди до 10 минути. Поентата не е во една подолга сесија, туку во тоа што сите овие мини-тренинзи се собираат и на крајот на денот даваат ефект како цел тренинг.
Овој пристап е идеален за почетници кои сакаат да создадат навика за вежбање, но и за оние на кои често им паѓа мотивацијата. Наместо чувство на вина што не сте стигнале до теретана, ќе почувствувате постигнување секој пат кога ќе изведете неколку вежби. За искусни вежбачи, exercise snacking може да послужи како „резервна рутина“ за време на зафатени денови или патувања.
Научните истражувања потврдуваат ефикасност: само 20 секунди брзо педалирање на собниот велосипед може да ја зголеми аеробната кондиција за 9% кај неактивни луѓе. Друга студија покажува дека три кратки прошетки дневно даваат исти резултати како една подолга – доказ дека малите активности навистина вредат.
КАКО ДА ПОЧНЕТЕ?
Многу лесно. Искористете го секој слободен момент: додека чекате да се свари кафето, направете неколку чучњеви; омилена песна на радио? Запејте! Лифтот не работи? Користете скали. Дури и пет минути мини тренинг пред туширање може да направи разлика. Ако седите поголемиот дел од денот, правете кратки паузи секој час и изведете неколку движења: чучњеви, стомачни вежби или истегнување.
Поради својата флексибилност и едноставност, exercise snacking е совршен начин да останете активни без дополнителен стрес и да ја вклопите физичката активност лесно во вашето секојдневие.