Home Вебкафе Валентино Гаравани заминува во легенда: проштавање од човекот што ѝ ја подари вечната елеганција на жената

Валентино Гаравани заминува во легенда: проштавање од човекот што ѝ ја подари вечната елеганција на жената

Светот на модата стана потивок. Помалку црвен. Помалку романтичен.

Валентино Гаравани, уникатниот визионер на високата мода и вечниот вљубеник во женската силуета, почина на 93-годишна возраст, оставајќи зад себе не само модна куќа, туку цела естетика на убавина што го обележа 20-тиот век. Почина на 19 јануари 2026 година во Рим – градот што засекогаш беше негово духовно и креативно прибежиште.

Валентино не беше само дизајнер. Тој беше архитект на соништата, творец на фустани кои не ги следеа трендовите – туку ги создаваа. Неговиот препознатлив белег – легендарната „Валентино црвена“ – беше повеќе од боја, тоа беше став. Симбол на страст, самодоверба и онаа врста луксуз кој не бара дозвола да биде забележан.

За него модата беше едноставна филозофија: жените сакаат да бидат убави. И токму на таа идеја и остана верен до последниот бод. Неговиот свет беше изграден од луксузна свила, богати чипки, нежни волани, совршени набори и нијанси кои ја славеа женственоста – од пудра-лила, преку драматична фуксија, до огнено црвената што стана вечна.

Иако често опишуван како класичар, Валентино тивко беше бунтовеник. Додека модата се движеше кон студениот минимализам, тој остануваше доследен на декорацијата, театарската сцена и раскошот. Не создаваше за сезона, туку за вечност. Неговите креации не и припаѓаа на моментот – тие и припаѓаа на историјата.

Неговата клиентела беше галерија на икони. Елизабет Тејлор ја започна својата модна романса со Валентино уште во 1960 година, кога се појави во негова креација на премиерата на филмот „Спартак“. Од тој момент, Рим стана нејзината модна дестинација. Џеки Кенеди Оназис ја пронајде кај Валентино тивката елеганција во најтешките денови – носеше креации од неговата кутур колекција додека тагуваше, а за свадбата со Аристотел Оназис одбра познат бел чипкаст фустан од неговата легендарна колекција.

Вечерните фустани беа негова сцена. Валентино ја разбираше моќта на еден влез во просторија. Знаеше како фустан може да го запре времето. Не е случајно што неговите креации со децении доминираа на црвените килими.

Фустанот во кој Џулија Робертс го прими Оскарот во 2001 година остана запаметен како една од највпечатливите модни сцени на сите времиња. Толку култен, што има и своја страница на Википедија.

Софија Лорен, Кејт Бланшет, Џенифер Лопез, Риз Витерспун, Џесика Ленг – сите знаеја едно: Валентино никогаш не ја засенува жената. Тој ја истакнува нејзината убавина.

Зад гламурот се криеше и длабока емоционална поврзаност со жените. Многу од неговите клиентки му станаа блиски пријателки. Меѓу нив и принцезата Дијана, која покрај него пронаоѓаше сигурност и дискретна поддршка, далеку од објективите на папараците. Нивното пријателство беше искрено, нежно и далеку од површинскиот свет на славата.

Роден во 1932 година во мало место во Ломбардија, Валентино уште рано знаеше дека неговиот свет нема да биде мал. Со 17 години заминува во Париз каде се обучува во најпрестижните институции, а кон крајот на петтата деценија се враќа во Рим и отвора атеље на Виа Кондоти. Таму започнува легендата.

Клучна улога во неговиот живот имаше Џанкарло Џамети – бизнис партнер, животен сопатник и човек без кого Валентино немаше да биде тоа што е. Заедно ја изградија модната империја, го делеле страста, несогласувањата, луксузот и визијата. Нивната приказна е документирана и во култниот документарец „Валентино: Последниот император“, кој не ги крие ни генијалноста ни тврдоглавоста на еден од најголемите креатори на сите времиња.

Кога се повлече во 2008 година, Валентино го направи тоа на свој начин – со спектакуларна ревија во Париз, опкружен со супермодели кои обележаа цела епоха. На индустријата, која се повеќе се врти кон минливост, ѝ остави потсетник дека вистинската елеганција никогаш не излегува од мода.

Со неговото заминување, модата изгуби романтик, перфекционист и вечен вљубеник во убавината. Светот, едноставно, стана малку помалку елегантен.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Вебкафе
Comments are closed.

Check Also

Што открива кафето што го пиете за вашата личност?

ФИЛТЕР КАФЕ Лицата што пијат филтер кафе често се претставници на подзатворени или интрове…